Во периодот од 23 до 26 јуни 2025 година Националната федерација на фармери организираше студиска посета во Хрватска во рамките на проектот „Организациски развој на НФФ и подобрување на пазарните врски за малите фармери и производители од руралните средини“, поддржан од Шведска и We Effect. Целта беше запознавање со успешни модели на економско здружување во организации на производители, зголемување на конкурентноста и подобрување на пазарниот настап на земјоделците. Во рамките на посетата беше остварена средба со винаријата „Трс“ од Илок, која претставува пример за успешна соработка меѓу задруга и преработувачки капацитет. Делегацијата ја посети и Организацијата на производители AGROBELA во Белица, која е специјализирана за производство на компир и располага со модерен ладилник изграден со поддршка од ЕУ фондови. Во Осиек учесниците се сретнаа со Факултетот за агробиотехнички науки и се информираа за неговата улога во образованието и едукацијата на млади агрономи и земјоделци. Во Велика Горица беше посетен Дистрибутивниот центар за овошје и зеленчук, основан преку јавно-приватно партнерство.
Завршниот ден беше посветен на средба со Министерството за земјоделство на Хрватска, на која се разговараше за признавање на организации на производители и нивна поддршка.Посетата заврши во организацијата на производители PZ JabukaHR – успешен пример на здружување на производители на јаболка, кои со поддршка од ЕУ изградиле современ центар за складирање, сортирање, пакување и продажба.Овој модел покажува дека преку здружување, професионален менаџмент и државна поддршка, земјоделците можат да обезбедат:
подобра цена, стабилност, одржливост на своето производство
„Оваа беше одлична можност за нас земјоделците да видиме практични примери како функционираат организации на производители, кои со поддршки и инвестиции овозможуваат полесен пристап на пазарите на земјоделците во насока на подобрување и на квалитет, стандардизација, намалување на производствените трошоци и подобри продажни цени“, истакна Стеванче Јорданоски, претседател на Националната федерација на фармери.