На 29 септември 2026 година, во Корча, Албанија, се одржа Регионалната конференција „Зајакнување на руралните жени во Западен Балкан“, под мотото „Од застапување до имплементација – практични патишта кон економско зајакнување“.

Конференцијата беше организирана од албанската невладина организација „Une Gruaja“, во рамки на активностите на Регионалната платформа за подобрување на економскиот и социјалниот статус на руралните жени во Западен Балкан, со поддршка одШведска и Шведската организација за развој We Effect.

На конференцијата учествуваа претставници на граѓански организации, институции, експерти и рурални жени од Албанија, Северна Македонија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија. Во фокусот беа размената на искуства и добри практики, предизвиците со кои се соочуваат руралните жени, како и конкретните можности за нивно економско зајакнување и поголемо учество во земјоделскиот и руралниот развој.

Во рамки на конференцијата, Билјана Петровска-Митревска од Националната федерација на фармери ја истакна важноста на континуираната соработка меѓу институциите и граѓанските организации за унапредување на економскиот и социјалниот статус на руралните жени. Преку подготвениот Position Paper, Петровска-Митревска ги претстави искуствата на Северна Македонија и резултатите од долгогодишното лобирање и застапување на НФФ за унапредување на правата и положбата на жените земјоделки.

Посебно беше нагласена важноста на континуираниот дијалог со институциите, особено со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој придонесе кон постигнување конкретни резултати. Меѓу нив се издвојува Програмата за поддршка на социјалната сигурност на жените ангажирани во земјоделски активности, како и активното учество на граѓанскиот сектор во процесите на креирање и унапредување на Мерката 115 – „Поддршка за активен женски член во земјоделското стопанство“.

Овие искуства покажуваат дека организираното застапување, институционалниот дијалог и учеството на жените во процесите на креирање политики можат да доведат до конкретни промени и мерки кои одговараат на реалните потреби на руралните жени.

Елена Новачка, советник за земјоделство и рурален развој во Кабинетот на Премиерот на Северна Македонија, истакна дека економското зајакнување на руралните жени има пошироко значење за развојот на руралните средини.

„Економското зајакнување на руралната жена не е само прашање на родова еднаквост, туку и инвестиција во стабилни, конкурентни и одржливи рурални економии.“

Новачка ја истакна важноста на Мерката 115 како инструмент кој создава можности жените во земјоделските стопанства да инвестираат во сопствената економска активност, да ја зголемат вредноста на производството и да развиваат поодржливи и професионални бизнис модели.

Посебно внимание на конференцијата привлече инспиративната приказна на Олга Јорданоска Груеска, рурална жена и земјоделка од селото Мажучиште, Прилепско.

Како жена која потекнува од градска средина, Олга го сподели својот пат кон земјоделството и развојот на семејното земјоделско стопанство. Денес, семејството обработува околу 60 хектари земјоделска површина и располага со фарма со капацитет од околу 30 молзни крави, а се занимава со производство на житни култури, сончоглед, луцерка и тутун.

„Она што на почетокот ми изгледаше како голем предизвик, стана мој живот, моја професија и нешто во кое навистина се пронајдов.“

Зборувајќи за значењето на организираното земјоделско застапување, Олга истакна дека Националната федерација на фармери има важна улога во јакнењето на гласот на жените земјоделки.

„Преку Федерацијата се слуша гласот не само на земјоделците, туку и на нас, жените земјоделки. Преку НФФ имаме можност заеднички да ги кажеме нашите потреби, проблеми и предизвици и активно да учествуваме во процесите на застапување и креирање решенија.“

Регионалната конференција во Корча уште еднаш ја потврди потребата од заедничко регионално дејствување и размена на искуства меѓу организациите кои работат со и за руралните жени.

Еднакво важно е руралните жени да бидат активно вклучени во креирањето на политиките, процесите на донесување одлуки и определувањето на мерките кои директно влијаат врз нивниот живот и работа.

Конференцијата во Корча испрати јасна порака: застапувањето има вистинска вредност тогаш кога води кон конкретни промени. Од зборови и заложби треба да се премине кон имплементација, а регионалната соработка е еден од клучните патишта за постигнување на таа цел.

Регионалната платформа продолжува со својата работа во насока на зајакнување на гласот на руралните жени и создавање подобри услови за нивно економско и социјално учество во развојот на руралните заедници во Западен Балкан.