Под мотото„Жените земјоделки – лидери на одржливото земјоделство и руралниот развој“, Националната федерација на фармери ќе го одбележи Меѓународниот ден на руралната жена – 15 октомври во Струмица.
Настанот го организира Националната федерација на фармери, со поддршка од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Шведска и шведската организација за развој We Effect.
Овогодишното одбележување има особено значење бидејќи 2026 година е Меѓународна година на жената земјоделка, прогласена од Обединетите нации. Оваа година претставува можност уште посилно да се истакне значајниот придонес на жените земјоделки во обезбедувањето храна, земјоделското производство, воведувањето иновации, одржливото управување со природните ресурси и развојот на руралните заедници.
Во рамките на настанот ќе се одржи панел-дискусијата: „Од ресурси до резултати: Како да обезбедиме еднаков пристап до знаење и иновации за жените земјоделки“. На панелот ќе се разговара за тоа како преку подобри политики, достапни услуги, знаење и иновации може да се создадат подобри услови за економско јакнење на жените земјоделки.
Во чест на Меѓународната година на жената земјоделка, НФФ ќе додели признанија на четири успешни жени земјоделки за нивната работа, иновативност, претприемачки дух и придонес кон развојот на земјоделството и руралните средини, како и на една локална граѓанска организација за нејзиниот придонес кон зајакнувањето на руралните жени и жените земјоделки.
Stay In Touch