Националната федерација на фармери, со поддршка од Шведска и We Effect,  на 4 септември одржа работилница со млади земјоделци посветена на нивните потреби, идеи, предизвици и можности за развој во земјоделскиот сектор.

На работилницата беа презентирани резултатите од Теренската анализа на потребите на младите земјоделци, како и новата едукативна програма „Од нива до пазар – вештини за успешен земјоделец“. Анализата е подготвена од Националната федерација на фармери во соработка со EPICENTAR International, со цел подобро да се идентификуваат потребите на младите земјоделци и да се креираат активности што ќе одговорат на нивните реални предизвици.

Работилницата ја отворија Стеванче Јорданоски, претседател на Националната федерација на фармери, Јованче Пармачки, координатор на Мрежата на млади фармери, и Стеван Орозовиќ, извршен директор на НФФ. Во своите обраќања тие ја истакнаа важноста од континуирана поддршка, практична едукација и активно вклучување на младите во креирањето и унапредувањето на земјоделските политики и програми.

Посебно внимание беше посветено на отворената дискусија со младите земјоделци, членовите на Управниот одбор и Извршната канцеларија на НФФ и претставниците на We Effect. Преку размена на искуства, идеи и предлози, учесниците имаа можност директно да ги споделат своите ставови за предизвиците со кои се соочуваат, но и да дадат конкретни предлози за содржината и начинот на спроведување на новата едукативна програма.

Програмата „Од нива до пазар – вештини за успешен земјоделец“ има за цел да придонесе кон развивање на практични знаења и вештини кај младите земјоделци, со посебен фокус на економското планирање, маркетингот и продажбата, финансиското управување, климатските промени и одржливото управување со ресурсите, како и современата земјоделска механизација и технологии.