Националната федерација на фармери успешно го организираше Саемот на македонска традиционална храна „Вкус што обединува“ – единствен настан посветен на автентичните домашни вкусови и поддршката на локалните производители!
Љубителите на македонската кујна имаа можност да уживаат во вистинско гастрономско доживување со најразновидни домашни производи: вкусни лутеници, традиционален ајвар, природни сокови, путери, мармалади, маџун, мед, макала, преработки од зеленчук и овошје, како и врвни вина и ракија. Богатите ароми и автентичните рецепти ги пренесоа посетителите директно до срцето на руралните заедници и нивното културно наследство.
Саемот не беше само изложба, туку и силна порака за поддршка на домашното производство, промоција на еднаквоста и интеграцијата, како и можност за подигнување на свеста за значењето на локалната храна и трудот на малите производители.
Овој значаен настан се одржа во соработка со Скопје City Mall како дел од манифестацијата City Bazar, а беше поддржан од Шведска и организацијата We Effect преку проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени пазарни врски за малите фармери и производители од руралните области“.
Stay In Touch