Националната федерација на фармери (НФФ) по втор пат го организира саемот „Домашно, природно, вкусно“ на 14 декември во Скопје во City Mall. Овој настан претставува уникатна можност за промоција на автентичните вкусови од руралните заедници, создадени од вредните раце на земјоделците и земјоделките. На штандовите беа изложени најразновидни домашни производи, како лутеници, ајвар, природни сокови, путери, мармалади, маџун, мед и макала, кои ја покажуваат богатата традиција и квалитет на локалната храна.
НФФ активно ја поддржува улогата на малите оператори за храна и работи на обезбедување платформи за нивна промоција и развој. Сите мали оператори за храна НФФ ги промовира и преку платформата www.efarm.mk. Овој саем не е само изложба, туку и важен инструмент за поддршка на малите производители, поттикнувајќи еднаквост и интеграција на руралните заедници и малите оператори. Со овие активности НФФ се залага за подобрување на пазарните врски и создавање поволни услови за раст на малите фармери и производители во земјава. Во текот на саемот се одржа и детска работилница под наслов „Да ја зачуваме природата, која ја обезбедува нашата храна“, која ќе им понуди на најмладите едукативно искуство за важноста на заштитата на околината.
Саемот е поддржан од Шведска и организацијата We Effect преку проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени пазарни врски за малите фармери и производители од руралните области“. Овој настан е важен чекор во промоцијата на локалната храна и подобрувањето на пазарните услови за малите производители.
Stay In Touch