На крајот на годината Национална федерација на фармери организира прес – конференција каде што ги презентира своите активности, ставови и заложби за справување со предизвиците во земјоделство. На прес-конференцијат присуствуваат членовите на Управниот одбор на НФФ и изјавата за медиумите е дадена од Васка Мојсовска, претседателка на НФФ. Во прилог е целосниот прес материјал даден и презентиран за медиумите.

Во последните десетина години производните цени на земјоделските производи се зголемуваат, а откупните цени се намалуваат. Од друга страна и  негативните влијанија на климатските промени кои што прават големи штети во сите земјоделски сектори придонесуваат разочарување кај самите производители на храна. Сметаме дека во политиките и стратегиите на земјоделството треба посебно да се даде акцент на климатските промени, навистина се голем проблем за нас земјоделците и мора да го прилагодиме производството на новите климатски промени. Колебливоста на климата е веќе зголемена во Македонија и нашата држава веќе стана земја со висока изложеност на најразлични природни непогоди,  особено: поплави, суши, екстремни температури, град и земјотреси.

Она што најмногу го погодува македонскиот земјоделец се ниските откупни цени и овој тренд е забележителен во последните десет години што ги доведува примарните земјоделски производители во ранлива положба во поглед на стопанските и деловните активности, како и нивниот животен стандард.

Она што може да се дефинира како значајни проблеми и предизвици во делот на пласманот на земјоделството се следните : Ниски откупни цени, неорганизираност кај самите земјоделци, нелојална конкуренција која го има монополот на пазарот за откуп, непостоење на договорно производство, недостаток на едукација и инвестирање во нови технологии од страна на земјоделците,  недостаток на едукација за претприемништво и непостоење на фунционални форми на еконосмко здружување на земјоделците.

Овие факти загрижуваат, посебно загрижува и фактот за економската криза која е предизвикана со руска –украинската војна, каде што ние како увозно зависна земја, ќе се соочиме со негативни влијанија врз македонската економија. Има поскапување на прехрабените производи и тоа се случува секаде во регионот, па и во светот, каде што најголема штета претрпуваат земјоделците и потрошувачите. Ова е парадокс во економијата каде што имаме поскапувања на прехрамбените производи, а примарните земјоделски производи се со ниски откупни цени, без разлика што и тука цените на инпутите, како што се струја, нафта, заштитни препарати, ѓубрива растат, сезонска работна сила нема или е многу скапа.

Оваа година е започната и земјоделска реформа од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и мораме да истакнеме дека и ние како социо –економски партнер на министерството сме информирани и консултирани за овие процеси. Организиравме  средби со министерството за земјоделство и министерот Љупчо Николовски каде што пред земјоделците им беше презентиран новиот модел за субвенционирање.

Она што сметаме е дека треба да се менува моделот за субвенционирање во насока субвенциите да бидат наменети за вистинските земјоделци, односно земјоделците кои егзистираат од земјоделството и да нема манипулации во делот на користење на субвенциите. Заеднички став на сите е дека субвенциите треба да имаат развојна компонента и да се насочени за вистинските земјоделци.

Дебатата која се водеше е во делот на критериумот за продажба, така што НФФ предлага да се изнајде решение кое ќе ги опфати со соодветен документ или извештај сите форми на продажба како што се регистрирани откупувачи, продажба од фармер на фармер, на пазар, правење на преработки и слично. Ваквии сугестии исто така беа разгледувани и во рамките на потсекторските групи на МЗШВ.

 

Она што е посебно значајно за нас е што преку интензивната работа на НФФ подржана од Шведската организација за развој We Effect, од 2023 година преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопансво креирана е Програма за обезбедување на социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност. Токму преку оваа програма ќе им биде овозможено на регистрираните земјоделки користење на надоместок за мајчинство за време на спреченост на вршење на земјоделската дејност поради раѓање, кое право не е опфатено со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи. Ова е пилот мерка која ќе се реализира во 2023 година. Ние како организација ќе продолжиме да работиме оваа мерка да биде дел од Закон за трајно решение и исто така да се најде соодветно решение и за боледувањето на регистрираните земјоделци.

Националната федерација на фармери во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за труд и социјална политика и Министерство за здравство формира работна група која работеше во текот на годината за изнаоѓање на соодветно решение. Во групата исто така активно учество зедоа преставници од трите министерства, УЈП, ПИОМ, Фондот за здравствено осигуравње, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Работата на групата поддржана од страна на Шведската организација за развој We Effect.

Оваа е проблем кој постои 30 години во државата и од 2023 година за првапат ќе се пилотира решение со кое земјоделки ќе добиваат надомес за мајчинство поради спреченост за извршување на земјодлеска дејност  поради раѓање. Ова го потенцирам и кажувам бидејќи со една политика, програма се овозможува да се развива земјоделството како професија, ќе се влијае позитивно за зголемување на бројот на регистрирани земјоделки и земјоделци чија основна дејност им е земјодеството и исто така ќе се влијае и позитивно на зголемување на бројот на млади фармери и жени фармери сопственички на земјиште, бидејќи согласно Прописите на ПИОМ регистриран земјоделец е оној кој е сопственик на земјоделско земјиште или има земјоделско земјиште под наем.

Програмата за откуп на свежо овошје 2022 на МЗШВ е добар механизам да се откупува вишокот на земјоделските производи. Оваа програма е подржана преку интеревнцијата школски шеми-пилот јаболка преку проект на Шведската органзиација за развој We Effcet и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида, а е имплементирана од Националната федерација на фармери во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Токму преку оваа програма се откупени 743.000 килограми домашни јаболка од македонските земјоделции се дистрибуирани во 350 основни училишта односно до 186 000 ученици. Тоа значи дека воспоставува нов систем на откуп на конзумно домашно јаболка кое е наменето за здрава ужинка за учениците. Се надеваме дека оваа пракса ќе продолжи и в година и ќе се изврши и откуп на нови земјоделски производи.

Во насока да се укаже дека не смее да пропаѓа домашното производство  Националната федерација на фармери ја спроведува и кампањата „Купувајте домашни земјоделски производи“, со цел да се истакне и поттикне зголемување на потрошувачка на домашните земјоделски производи на домашниот пазар.