Сеидбата на пченицата започнува во прилепско и со среќа нека им е работа. На самиот почеток на есенската сеидба на пченицата, преку Националната федерација на фармери поддржана е интервенција на договорно производство и продажба на пченица. Целта на интервенцијата е да се примени моделот на договорно производство, подобрување на квалитетот на производство, едукација и примена на добри агротехнички мерки во делот на производство на пченица за зголемување на квалитетот и приносот.

Во рамките на пилот интервенцијата вклучени се 20 земјоделки и земјоделци од здружението „Фармер“ од Мажучиште. Според официјалната статистика производството на житни култури се остварува на 30% од вкупната обработливо површина од страна на 107 873 земјоделски стопанства кои продуцираат 8,2% од вредноста на вкупното земјоделско производство. Интервенцијата е дел од проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени пазарни врски за малите фармери и производители од руралните области со цел зголемен приход“поддржан од Шведската организација за развој We Effect Europe и Sida.