Националната федерација на фармери во четвртокот одржа состанокот со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски каде што се разговараше за предизвиците со кои се соочува земјоделството односно поскапувањето на репроматеријалите и ѓубривата кои се значајни за производството,проблемите со пласманатот на производите во услови на криза настанати поради руско – украинскиот конфликт и влијанието на климатските промени. Националната федерација на фармери препорача во овие кризни месеци приоритет државата да даде на домашното производство и откупот на домашните земјоделски производи на домашниот пазар, да се работи на изнаоѓање на алтернативни пазари. НФФ која е социо – економски партнер на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство стои на располаѓање со сите свои ресурси за надминување на проблемите и наоѓање на конструктивни решенија во насока македонските земјоделски производи да имаат пласман. НФФ побара зголемување на субвенциите за 20%, побара да се свика Агросоветот кој е советодавно тело дефинирано согласно Законот за земјоделство и рурален развој и понатамошно активно функционирање на потсекторските групи во МЗШВ во овој период. Сите бевме согласни дека е важна интензивната соработка во овој период и континуирано информирање и конструктивно дејствување. НФФ воедно го информира министерот дека преку проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени пазарни врски за малите фармери и производители на храна од руралните области со цел зголемен приход“, поддржан од Шведската организација за развој We Effect и Sida работи на имплементирање на правилникот за куќен праг на АХВ преку поддршка на иницијативи на земјоделци за производство на преработки и нивна промоција и пласирање на пазарот.