Националната федерација на фармери  им го честита празникот Свети Трифун на сите лозари, кои официјално овој период ги започнуваат земјоделските работи во лозовите насади со закројување на лозјето. Според официјалните  статистичките податоци во Македонија 48.000 индивидуални земјоделски стопанства егзистираат од производство на грозје, 23.613 хектари од обработливата површина се лозови насади, каде што најголем процент се наоѓаат во кавадаречкиот и неготинскиот регион.

“Пред изгрејсонце и по месечина појди си на лозје, со голема љубов и волја работи, бори се со климатските промени, произведи си вкусно грозје и на есен наполни се со нервози, кога треба да го продаваш. Но љубовта за лозјето е преголема“ потенцира Васка Мојсовска, претседателка на НФФ, која е земјоделка и се занимава со производство на грозје и садници.

Производната цена за винското сорта „вранец“ е 17 ден по кг , а за винската сорта  „смедеревка“ изнесува 16 ден по килограм, додека откупните цени за овие сорти изнесуваат од 5 до 10 ден по кг.  На ваков начин со непроменетите и ниски откупни цени во текот на изминатата деценија,  земјоделците работат во загуба и дополнително од некои откупувачи не им се исплаќа навремено за предадениот род.

 НФФ со години бара:

  1.  Цената за „вранец“ да биде 17 ден по кг, а ценатна за смедеревка 16 ден по кг.
  2.  Функционирање на договорно производство согласно Законот за земјоделство и рурален развој и гаранција на наплата (банкарска гаранција од откупувачите), како и исплата на откупено грозје за откупот од тековната година.
  3.  Бришење на член 17, став 5 од Законот за вино кој укажува на можноста од намалување од утврдената цена најмногу до 8% доколку плаќањето на винското грозје е во целост во рок од 7 дена од денот на приемот, како и во делот на прекршочните одредби, односно на намлаување на глобите со што се потенцира можноста од намерна злоупотреба на работата на одговорните лица.

Нашите реакции ќе продолжат и понатаму при секој обид да се намали трудот на лозарите и да се доведуваат лозарите во ситуација која ги води на работ на егзистенцијата и уништување на долгогодишниот труд.