На 14 септември, на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје во Долно Лисиче, се одржа третата теренска посета на демонстрациските опити, посветена на практични решенија и технологии за адаптација на земјоделството кон климатските промени.

Во рамки на настанот, со поздравни обраќања се обратија проф. д-р Тошо Арсов, продекан за наука и соработка со стопанството при Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, проф. д-р Вјекослав Танскавиќ од Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, Билјана Петровска-Митревска, проект менаџерка на Националната федерација на фармери, и Ирена Џимревска, советник за Зелена агенда – Поддршка на Западен Балкан во адаптацијата кон климатските промени.

Проф. д-р Тошо Арсов ја истакна важноста од поврзувањето на науката со практичните потреби на земјоделците, како и примената на нови знаења и технологии во земјоделското производство. Тој посочи дека соработката меѓу научните институции и земјоделците е од особено значење за пренесување на научните сознанија во практиката.

Проф. д-р Вјекослав Танскавиќ ја нагласи важноста на размената на искуства и примената на нови технологии кои можат да придонесат кон подобра адаптација на земјоделството на новите климатски услови. Практичната примена на знаењата, како што истакна, е важен чекор кон создавање поотпорно земјоделско производство.

Билјана Петровска-Митревска, проект менаџерка на Националната федерација на фармери, истакна дека климатските промени веќе се реалност со која секојдневно се соочуваат македонските земјоделци. Таа нагласи дека на терен се потребни конкретни, достапни и применливи решенија кои ќе им помогнат на фармерите да го зачуваат производството, приходите и економската одржливост на своите земјоделски стопанства.

Ирена Џимревска, советник за Зелена агенда – Поддршка на Западен Балкан во адаптацијата кон климатските промени, ја истакна важноста на регионалната соработка и поддршката за земјоделскиот сектор во процесот на адаптација кон климатските промени. Споделувањето на знаења, искуства и добри практики, како и нивното прилагодување кон локалните услови, претставуваат важен предуслов за зголемување на отпорноста на земјоделството.

Земјоделците кои учествуваа на теренската посета имаа можност директно да се запознаат со научно базирани и практично применливи мерки и технологии, да разменат искуства со стручни лица и да разговараат за можностите за подобро справување со сушите, високите температури, нерегуларните врнежи и сè почестите екстремни временски појави.

Посебен акцент беше ставен на потребата од навремено воведување на мерки за климатска адаптација и примена на практики кои можат да придонесат за поефикасно користење на ресурсите, стабилизирање на производството и намалување на ризиците предизвикани од климатските промени.

Теренската обука се реализира во рамки на проектите „Адаптација на климатските промени во земјоделството: Дисеминација и зголемување на примената на најдобри практики“ и „Пилот демонстративен проект за адаптација на климатските промени во земјоделството и промоција на одржливи практики“.

Активностите се реализираат преку соработка помеѓу Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје и Националната федерација на фармери, со поддршка на GIZ, во име на Владата на Сојузна Република Германија, во рамки на Регионалното климатско партнерство меѓу Германија и Западен Балкан.