Во духот на традицијата, солидарноста и женското заедништво, оваа година Националната федерација на фармери ја организираше хуманитарната манифестација „Јуфкијада“ во дојранското село Фурка, која обедини околу 80 жени од сите региони на државата.

Со оваа уникатна манифестација официјално го означивме почетокот на кампањата „Жените земјоделки – од традиција до иновација“, која се реализира во рамки на одбележувањето на Меѓународната година на жените земјоделки, прогласена од Обединетите нации.

Кампањата има за цел да ја истакне клучната улога на жените во земјоделството и руралниот развој, да ги промовира нивните успеси и достигнувања, како и да поттикне поголема институционална поддршка за нивно економско зајакнување и рамноправно учество во општеството.

На присутните им се обратија Стеванче Јорданоски, претседател на Националната федерација на фармери, Илија Тентов, градоначалник на Општина Дојран, Каранфилка Тодорова, локална координаторка на Мрежата на жени фармери при НФФ, како и Билјана П. Митревска, проект менаџерка во НФФ. Во своите обраќања тие ја нагласија важноста на зачувувањето на традиционалното производство на јуфки, но и непроценливиот придонес на руралните жени во развојот на земјоделството, локалната економија и одржливите рурални заедници.

Посебна вредност на „Јуфкијада“ ѝ дава нејзиниот хуманитарен карактер. Подготвените јуфки ќе бидат донирани на социјално загрозени семејства од регионот, со што традицијата се претвора во чин на хуманост и грижа за заедницата.

Упатуваме искрена благодарност до Каранфилка Тодорова и до сите жени од дојранскиот регион кои со својата посветеност, ентузијазам и несебична поддршка дадоа огромен придонес во организацијата и успешната реализација на овогодинешната „Јуфкијада“. Вашата енергија и заедништво се вистински пример за силата на руралните жени.

Настанот e поддржан од Шведска и шведската организација за развој We Effect, Општина Дојран, како и од повеќе приватни компании од дојранскиот регион, кои придонесоа за успешна реализација на оваа значајна манифестација.