Во тек е обуката на 12 советнички и советници, членови на Националната Федерација на Фармери, за алатката „ProfilPASS за жени – Ние можеме!“. Алатката ќе ја применуваме во советување на жените од руралните средини, за да им обезбедиме поддршка и да ги охрабриме да се (ре)интегрираат во пазарот на труд.

По успешно завршената обуката, советниците ќе добијат поддршка практично да ја спроведат методологијата на терен со три кориснички, жени од рурални средини, по советник. Работејќи на терен, советниците ќе го зајакнат своето знаење и способности да ја спроведуваат алатката во рамки на Федерацијата.

ProfilPASS е методологија која и овозможува на секоја личност да ги процени своите вештини и компетенции стекнати во текот на животот. ProfilPASS вклучува портфолио (работна тетратка) која се користи во процес воден од обучен советник. Таа им помага на советуваните лица да се охрабрат, мотивираат и да ја осознаат нивната сопствена вредност и способности и ја поддржува нивната (ре)интеграција во образование и/или на пазарот на труд.

ProfilPASS е методологија развиена во Германија во 2004 година од страна на Германскиот институт за образование на возрасни – Лајбниц Центар за доживотно учење, Институтот за развојно и структурно истражување при Универзитетот во Хановер и Германскиот институт за меѓународно образовно истражување.

Активноста е дел од проектот „Подобрување на вработливоста на руралните жени преку ProfilPASS “ и е поддржана од регионалните проекти „Социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан “и „Поддршка на диверзификацијата на економските активности во руралните подрачја во Југоисточна Европа“ кои ги спроведува Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).