Одржана годишна средба на младите фармери на која се разговараше за предизвиците со кои се соочуват тие и кои активности треба да се реализираат во 2023 година за зголемување на бројот на млади земјоделци и нивно поголемо вклучување во органите на управување на организацијата и во процесите за лобирање.

На средбата од страна на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој беше презентиран новиот модел за субвенционирање и реформата која што се прави во земјоделството и руралниот развој.

“Младите земјоделци се нашата мотивација, интересот за мерките кои ги нудиме е се поголем кај нив. Поддршката која ја даваме на младите земјоделци да започнат свој бизнис преку неповратни грантови вродува со успех”, потенцира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

„Во последните неколку години ставивме фокус на димензионирање на грантови шеми со кои се поддржаа корисници кои како млади земјоделци имаа можност да аплицираат со деловен план и да добијат договори за финансиска поддршка. На последните 2 јавни повици се склучени 370 договори од кои 200 се веќе реализирани, а исплатената поддршка изнесува 119 милиони денари“, истакна Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој.

Васка Мојсовска, претседателка на НФФ потенцира дека поддршките, мерките и земјоделските стратегии кои се креираат треба да се во фокус на младите земјоделци во насока да се влијае младите да остануваат во државата и да го гледаат земјоделството како профитабилна професија. „Во таа насока Националната федерација на фармери во соработка со институциите МЗШВ, МТСП, МЗ, УЈП, ПИОМ, АФПЗРР, ФЗО предложи да се креира програма за регистрираните земјоделки да го остварат правото на мајчинство преку добивање на надоместок која ќе започне да се реализира преку МЗШВ и АФПЗРР од 2023 година и е посебно важна за вас младите регистрирани земјоделки. Во наредниот период НФФ ќе работиме оваа програма да се преточи во соодветно законско решение и воедно исто така да се најде решение за боледувањето“, потенцира Мојсовска.

Новиот модел за субвенционирање беше презентиран од страна на Трајан Димковски, државен советник за земјоделство и рурален развој во МЗШВ.

Младите земјоделции истакнаа дека проблем и понатаму во земјоделството се ниските откупни цени и треба во оваа насока новиот модел за субвенционирање да помогне на земјоделците да се развиваат и да не бидат изманипулирани од страна на определени откупувачи. Според нив позитивно е што и понатаму постојат и се зголемуваат поддршките за младите и жените и воедно што се најде решение за регистрираните земјоделки да го остварат правото на мајчинство.

Годишниот состанок на Мрежата на млади фармери на НФФ е дел од активностите на проектот „Организациски развој на НФФ и подобрување на пазарните врски за малите земјоделци и производители на храна од руралните области”, со цел зголемување на нивните приходи“, поддржан од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Sida и Шведската организација за развој We Effect.