Потребна е поголема достапност на образовни, јавни и социјални услуги во руралните средини, како и креирање и промовирање мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини, креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството и наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија, породилно отсуство и боледување. Оваа е пораката која над 150 жени од руралните средини во Република Северна Македонија денeска во Демир Капија ја пренесоа на Меѓународниот ден на руралната жена, која традиционално секоја година се организира од страна на Националната федерација на фармери и Мрежата за рурален развој со поддршка на Шведската организација за развој We Effect.

Оваа година одбележувањето на Меѓународниот ден на руралната жена го поврзуваме и со 16 октомври светскиот ден храната со цел да потенцираме дека во оваа време на економска и енергетска криза важен сегмент на кој што треба да се обрне внимание  е обезбеденоста на храната и потребно е креирање на мерки и политики за опстанок на руралното население и малите производители на храна.

На настанот се одржа и јавна дискусија „Улогата на руралната жена во економскиот развој на руралните средини“, каде што беа презентирани успешни приказни за жени од руралните средини и нивните бизниси.

Жените од руралните средини се соочуват со голем број на предизвици, а тоа се социјална исклученост, невработеноста, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено породилно отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита и сл. јавни и социјални услуги. Во таа насока во 2018 беше потпишана Декларација за подобрување на економската и социјалната положба на жените од руралните средини од страна на Националната федерација на фармери, Мрежата за рурален развој, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика.

„ Потребно е креирање и промовирање мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини; креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството, и наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на породилно отсуство, боледување и пензија. Во овој период Националната федерација на фармери работи со кординативна група со сите надлежните институции за изнаоѓање на правно решение зa породилно отсуство и боледување на регистрираните земјоделки и земјоделци и предлог решението  е дека треба да се направат измени во законите за регулирање на земјоделска проблематика и здравствената заштита, соодветен правен механизам за заштита од злоупотреби и механизам за исплата на породилното отсуство “, истакна Васка Мојсовска, претседателка на Националната Федерација на фармери.

„Руралната жена треба да има поголема вклученост во процесите на донесување одлуки, локално и во целокупното општество преку организирање на активности со и за руралните жени, со што руралната жена ќе стекне поголема самодоверба за својата работа и вредноста на сопствениот придонес во семејството и поширокото општество. Јакнењето на руралната жена е важно и од перспектива на глобалниот просперитет, за постигнување на милениумските развојни цели и обезбедување безбедно и стабилно општество. Затоа ние како организации ги ставаме жените од руралните средини во срцето на нашите развојни програми“, истакна Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој.

На средбата свои обраќања имаа Ami Larsson Jain – Амбасадорка на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика,  Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на РСМ и Анели Леина, регионална директорка на Шведската организација за развој We Effect.

„Улогата на руралните жени е клучна за руралниот развој и производството на храна, посебно во овие тешки времиња на недостаток и поскапување на храната. Се радувам што денес имав можност да слушнам за најавените промени во законодавството за остварување на платено родителско отсуство за регистрираните земјоделки и земјоделци. Шведска ја препознава и цени улогата на руралните жени во производството на храна. Шведска верува дека зајакнувањето на руралните жени придонесува за рурален развој. Важен е еднаквиот пристап до ресурсите и пристапот до пазарите. “, изјави Ami Larsson Jain – Амбасадорка на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, амбасадорка  на Кралството Шведска во Република Северна Македонија.

„Родовата еднаквост мора да се земе предвид кога се донесуваат одлуки, се распределуваат ресурси и се креираат и спроведуваат политики и законски рамки. We Effect се залага за придвижување на родовата еднаквост на врвот на агендата за регионален рурален развој. Нашата цел е поместување на нерамнотежата на моќта што ги исклучува руралните жени од социо-економските можности. Заедно со нашите партнерски организации во Северна Македонија и во целиот регион, работиме во насока на донесување на позитивни промени кои ќе доведат до зголемени приходи, социо-економско зајакнување и подобра иднина за малите земјоделци и особено за руралните жени”, изјави Анели Леина, регионална директорка на Шведската организација за развој We Effect.

 

„ Министерството за земјоделство, во 2019 година ја започнавме приказната за креирање на посебна мерка (мерка 115 за активен женски член во земјоделско стопанство во Програмата за финансиска поддршка за рурален развој)  наменета токму за руралните жени, која ја постигна својата цел. Жените земјоделки добија уникатна поддршка. Првиот јавен повик беше реализиран минатата година, со доделени договори за грант во износ до 3000 евра, за 250 жени регистрирани како носители на земјоделско стопанство. Успехот на мерката и интересот кој го покажаа жените земјоделки, а со тоа искажаа огромна доверба кон Министерството, беше мотив годинава да ја дуплираме поддршката од 3000 на 6000 евра, со што предност им дадовме на жените земјоделки регистрирани согласно Закон за вршење земјоделска дејност и Закон за ПИО. Со ова фокус се става на поддршката на жените кои се вистински земјоделки и на кои земјоделското производство им е основна дејност..“, потенцираЉупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

 

„Од особена важност е да го препознаеме трудот на руралната жена и треба да се залагаме кон неговото вреднување. Токму неплатената работа во земјоделието е клучен сегмент на неформалната економија , со која ние како Министерство за труд и социјална работа во проект финансиран од Европскиот предпристапен механизам во склоп на кој се креира софтвер за брза евиденција на работници во земјоделството. Министерството за туд и социјална политика работи на пронаоѓање начини за креирање на можност за остварување на платено родителско отсуство на жените фармери, за обезбедување на соодветна здравствена заштита во овој период од нивниот живот“,истакна Јована Тренчевска, министерска за труд и социјална политика истакна дека

„Неопходно е економско јакнење, рамноправно инволвирање во креирањето на земјоделските политики, како и заедничка борба против дискриминацијата и традиционалните бариери кои најчесто се пречка за едукацијата и развојот на во руралните средини. “, изјави Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на РСМ.

Годинешната средба по повод Меѓународниот ден на руралната жена, поттикна плодна дискусија меѓу учесниците,  многу споделени искуства и информации и беше заокружена со богати заклучоци и насоки за идната работа во подобрување на состојбата на жените во руралните средини и зголемување на родовата еднаквост.