Управниот одбор на НФФ одржа средба со медиуми денес во Скопје  На оваа средба, Федерацијата даде осврт за состојбата на земјоделството за тековната 2023 година и препораки на предизвиците на кои што треба да се работи во 2024 година. Изјавата беше дадена од Васка Мојсовска, претседателка на НФФ, а на средбата со медиуми учествуваа сите членови на Управниот одбор на НФФ и вработените на Извршната канцеларија на НФФ.

Во прилог е целосното обраќање на Васка Мојсовска, претседателка  на НФФ:

Она што најмногу го погодува македонскиот земјоделец се ниските откупни цени и овој тренд е забележителен во последните десет години што ги доведува примарните земјоделски производители во ранлива положба во поглед на стопанските и деловните активности, како и нивниот животен стандард.

Она што може да се дефинира како значајни проблеми и предизвици во делот на пласманот на земјоделството се следните : Ниски откупни цени, неорганизираност кај самите земјоделци, нелојална конкуренција која го има монополот на пазарот за откуп, непостоење на договорно производство, недостаток на едукација и инвестирање во нови технологии од страна на земјоделците,  недостаток на едукација за претприемништво и непостоење на фунционални форми на еконосмко здружување на земјоделците.

Голем проблем за нас земјоделците е миграцијата и непостоење на интерес на младите да се занимаваат со земјоделство. Загрижувачки е податокот дека миграцијата на граѓаните од руралните средини кон градовите и европски држави достигна 50% високо ниво. Според Пописот во 2021 Северна Македонија се соочува и со изразена регионална нерамномерност на населението помеѓу урбаните и руралните средини. Во земјава доминира урбаното население со вкупно 1 131 356 жители (или 61.6 %), додека во руралните средини живеат 705 357 жители(или 38.4 %). Според годишниот земјоделски извештај за 2020 руралното население е лишено во однос на населението во урбаните области во многу аспекти. Така, 36% од оние кои живеат во рурални области се соочуваат со проблем на пристап до банкарски услуги, 24% пристап до поштенски услуги и 20% пристап до културни објекти. Основните услуги за транспорт не се достапни или се тешко достапни за  населението во руралните области. Потребата од подобрување на патната мрежа во руралните области е нагласена како висок приоритет како во низинските села (51%), така и во  планинските села (54%).Малите и економски слаби рурални општини имаат значителни проблеми за одржување на квалитетот и пристапот до основните услуги како што се здравствените, образовните и социјалните услуги, особено за населените места со помал број жители, што резултира со поголемо незадоволство од квалитетот на животот кај руралното население во однос на она кое живее во урбаните средини.

Еден од најголемите проблеми во земјоделскиот сектор во земјата е стареењето на работната сила и немање на работници. Мораме да истакнеме дека во сите земјоделски сектори имаме недостаток на работна сила и во најголем процент во земјоделскиот сектор се останати работници на возраст од 50 години. Таков е наметнат тренд каде што земјоделството е неатрактивна работа и не сакаат да бидат работници во овој сектор. Тоа негативно се одразува на продуктивноста односно се намалу производството од една страна и сите земјоделци се снаоѓаме како што знаеме со зголемен обем на работа и дополнителни нервози и стресови. Голем дел од фармите се заинтересирани исто така за увоз на работници на своите фарми бидејќи не може да се постигне со работа.

За да ги поддржиме земјоделците, посебно младите, потребно е да се инвестира во инфраструктура, поголема работа и ангажман на руралните општини во насока на решавање на проблемите, образование и обука на младите лица во земјоделство и агроиндустрија, воведување на нови технологии на производство. Кампањите за промоција на земјоделството и неговите предности, заедно со поволни кредити и поддршки за почеток на земјоделски бизниси и живот во рурални средини, се исто значајни за развојот на руралните средини и одржливост на земјоделството.

Од друга страна и  негативните влијанија на климатските промени кои што прават големи штети во сите земјоделски сектори придонесуваат разочарување кај самите производители на храна. Сметаме дека во политиките и стратегиите на руралните средини треба посебно да се даде акцент на климатските промени, навистина се голем проблем за нас земјоделците и руралното население и мора да го прилагодиме производството на новите климатски услови. Колебливоста на климата е веќе зголемена во Македонија и нашата држава веќе стана земја со висока изложеност на најразлични природни непогоди,  особено: поплави, суши, екстремни температури, град и земјотреси.

Годината која што измина се направија соодветни позитивни промени:

Донесен е новиот Закон за вино во чии рамки ќе биде дефинирана производната цена на грозје и се надеваме дека ќе профункционираат овие законски одредби кои на еден начин ќе стават ред во откупот и пласманот на грозјето. Всушност оваа е и наша заложба и во другите сектори едноставно да се пресметува производната цена и на ваков начин да се елеминираат манипулациите во делот на откупните цени. Договорното производство е исто така наша заложба на кое што работиме за да се вопсостават договорни и партнерски односи помеѓу откупувачите и земјоделците.

Она што сакаме да истакнеме како позитивен тренд е тоа што голем дел од земјоделците кои вистински егзистираат од земјоделството се регистрираат како мали оператори за храна и имаат додена вредност на своите производи. Тука би истакнеле дека Правилниците за мали оператори од растително и нерастително потекло се покажаа како успешна политика и поддршките кои се даваат за нивно јакнење преку Програма на МЗШВ  која оваа година се имплементира и се покажаа како доста ефикасни мерки кои се наосчени кој економско јакнење на земјоделците поготово на младите и жените. Колку е значајно ова ефективно влијание го видовме и сега на нашиот саем во Skopje City Mall кој го организиравме ние Националната федерација на фармери со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и се увиде дека има потрошувачка за нашите производи само потребни се воспоставување на пазарни врски.

Воедно сакаме да истакнеме за нашата работа да стане препознатлива професија потребно е подобрување на економскиот и социјален статус на земјоделките и земјоделците. Во таа насока ние како Национална федерација на фармери работевме во изминатиот период заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика во изнаогање на соодветно системско решение за земјоделките и земјоделците кои имаат статус на осигуреник-индивидуален земјоделец согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување да го остварат правото на  продилно отсуство и боледување. Во таа насока со подршка на Шведската организација за развој We Effect беше формирана работна група која во 2022 година работеше и благодарение на таа работа оваа година за првпат се имплементираше  Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност за 2023 година, како пилот мерка која ќе се применува додека не се креира системско решение.

Преку програмата, земјоделките имаат право на платен надоместок во случај на спреченост на вршењето на земјоделската дејност поради раѓање. Ова право се однесува на индивидуални регистрирани земјоделки, кои не се опфатени со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи, и се остварува за прв пат, иако проблемот постои повеќе од три децении.

Програмата има афирмативен и развоен карактер, а воедно и има заштитни механизми за да не биде злоупотребувана од страна на лица кои не се занимаваат со земјоделство.

Ова е привремено решение, или преодно решение до изнаоѓање на трајно решение, функционален механизам за платено породилно отсуство на индивидуалните регистрирани земјоделки. Воедно се работи на изнаоѓање на системско решение каде што се раглдуваат применливи примери од регионот за да може да се реши овој проблем на кој ние интензивно продолжуваме да работиме.

Сметаме дека значителен придоенес се направи и со мерката за поддршка на земјоделките во насока на подобрување на економскиот статус на жените од руралните средини.

Добра новина е и Законот за советодавни услуги во земјоделството и руралниот развој. Со ова законско решение се овозможува професионализација на советодавните услуги и воспоставуваме систем преку кој на земјоделците ќе им се доближат искуствата и знаењето за најновите практики и технологии во производството, кои директно треба да влијаат да имаме одржливо и конкурентно производство, по европски терк.Посебно важна цел на ова законско решение е структурално и организационо подобрување на постоечкиот советодавен концепт во Република Северна Македонија. Пропишувајќи ги видовите и типовите на советници, програмите и видот на обуките низ кои треба да поминат, условите кои ќе треба да ги исполнат за да бидат регистрирани потенцијалните даватели на советодавни услуги ќе се постигне поголема конкурентност, подобар квалитет и зајакнување на капацитетите на давателите на советодавни услуги.

Школската шема претставува нов модел кој е поттикнат од МЗШВ во соработка со Националната федерација на фармери и поддржан од Шведската организација за развој We Effect и Шведска и е механизам кој има за цел да обезбеди земјоделски производи/храна со соодветен квалитет за децата до 18 години и социјално загрозените категории. Воедно, овој механизам овозможува воспоставување на системско решение за откуп и пласман на земјоделски производи од групи производители кои ќе ги исполнуваат стандардите за квалитет, пакување и ќе обезбедат соодветна дистрибуција до крајните корисници. Тому во рамките на самата соработка се идентификуваа клучните предизвици со кои се соочуваат производителите на свежо овошје. Со интервенцијата во рамките на овој проект се обезбеди одржливост на воспоставените механизми за школската шема и се потикна процесот на формирање на групите на производители, кои треба да прераснат во системско решение, во кое се вклучени сите чинители на заедницата: производители, корисници, општини, национални институции и др.

Тука би сакале и да укажеме дека во 2024 година посебен осврт треба да се даде:

  • Јакнење на економските форми на здружување како што се групи на производители
  • Едукативни кампањи за воведување на договорното производство
  • Воведување на мерки и одделни стратегии со кои би се намалила миграцијата во државата
  • Поддршки и едукација за воведување на нови технологии за адаптирање на земјоделството на новите климатски услови.

Исто така неколку пати имаме истакнато и повторно ќе укажеме дека во креирањето на стратегиите и програмите за млади треба да се вклучат и активно младите од руралните средини, тоа исто се однесува и за лицата со попречености од руралните средини кои се најневидливата алка во нашето општество.

Во насока да се укаже дека не смее да пропаѓа домашното производство  Националната федерација на фармери ја спроведува и кампањата „Купувајте домашни земјоделски производи“, со цел да се истакне и поттикне зголемување на потрошувачка на домашните земјоделски производи на домашниот пазар и во употреба ја имаме веб платфромата efarm.mk од каде што можат директно потрошувачите да набавуваат производи. На оваа платформа посебен акцент дадовме на жените, младите и лицата со попречености од руралните средини.

Во таа насока ние ќе продолжиме со организација на саемски манифестации за мали оператори за храна во насока на подобрување на економскиот и социјален статус на земјоделките и земјоделците и воедно ќе продолжиме кон едукација и информирање на земјоделците за регистрирање на мали оператори за храна и нивен заеднички настап на домашниот пазар.

За крај би сакале да истакнеме дека сета наша работа која ја извршуваме во Националната федерација на фармери, сите наши активности и ставовите се градаат од самото членство, се разгледуваат на Управен одбор и се разбира целата реализација се прави преку Извршната канцеларија на НФФ.