Националната федерација на фармери (НФФ) продолжува со оддржување на работилници за поддршка на руралните општини во креирањето на буџетски мерки и политики за лицата со попречености во руралните средини. На работилницата која се одржа на 8-ми мај во Велес, присуствуваа претставници на општините, локални институции и организации, кои го имаат за цел креирањето на буџетски мерки и политики за поддршка на лицата со попречености и други ранливи групи во руралните средини.

Овие работилници имаат за цел стекнување на нови вештини и знаења за претставниците на општините, локалните институции и организации во врска со креирањето на буџетски мерки и политики за поддршка на лицата со попречености и други ранливи групи. На работилницата присуствуваа лица со попречености од рурални средини, кои заедно работеа со претставниците на институциите за дефинирање на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат лицата со попречености во руралните средини, како и за покренување на заеднички иницијативи за подобрување на нивниот живот во руралните средини.

Обуката беше организирана од проф.д-р Наташа Станојковска – Трајковска од Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет, а модерираше Ангела Самарџиќ, проект координатор во НФФ.

На работилницата присуствуваа претставници од општините Лозово и Чашка, претставници од центри за социјална работа, претставници од дневен центар за лица со попречености “Среќа”, претставник од градинка “Бамби”, претставник од Основно Училиште “Тодор Јанев” од Чашка,  кој дадоа свој придонес од оваа работилница да произлезат заклучоци, препораки и иницијативи кои подоцна ќе бидат презентирани пред општините за нивна имплементација.

Работилниците се дел од  проектот „Поддршка на пазарните врски за руралното население со акцент на лицата со попреченост, руралните жени и други ранливи групи” кој е поддржан од страна на Германското друштво за меѓународна соработка GIZ, во рамките на проектот Поддршка на диверзификацијата на економските антивности во руралните подрачја на Југоисточна Европа – SEDRA II.

Следните обуки ќе се организираат во текот на месец мај во Македонски Брод и Струмица.