Националната федерација на фармери (НФФ) во соработка со Министерството за труд и социјална политика организираа денес отворена дискусија и дебата за проблемот на регистрираните земјоделки и земјоделци за остварување на правото за породилно отсуство и боледување, каде што беше презентирана  Анализата за наоѓање на правен механизам за остварување на правото за користење на платено родителско отсуство и боледување за регистрираните земјоделки и земјоделци, кои се исклучени како категорина на граѓани од Законот за здравствено осигурување како корисници на надоместок за време на боледување и породилно отсуство. На самиот настан свои поздравни обраќања имаа Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Љупчо николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.

Замислете како им е на тие жени, мајки, кои треба да остваат еднонеделни бебиња дома за да можат да работат на поле или на оние земјоделки и земјоделци кои се соочуваат со тешки болести и повреди од земјоделска механизација, а немаат право на боледување. Јас лично сум ја почуствувала оваа дискриминација како мајка, жена, земјоделка и затоа дејствувам овој проблем да се реши за идните мајки и млади земјоделки и земјоделци да имаат повеќе права и да не го врват оној пат кој ние сме го поминале, рече денеска претседателката на Националната федерација на фармери (НФФ), Васка Мојсовска.

Според Мојсовска, со една политика, со една измена на закон, со донесување правен механизам за остварување право на породилно отсуство и боледување, не само што ќе се елиминира ваквата неправда, туку и ќе се влијае позитивно врз зголемување на бројот регистрирани земјоделки и земјоделци и ќе се поттикне зголемувањето на бројот жени сопственички на земјоделски имот и земјиште.

 -Со остварување право на боледување и породилно отсуство ќе се овозможи и ние земјоделките и земјоделците да бидеме еднакви како сите граѓани во државата. Засега сме обесправени и ова е голема дискриминација за нас, истакна Мојсовска на настанот по повод презентацијата на Анализата за наоѓање правен механизам за остварување на правото за користење платено родителско отсуство и боледување за регистрираните земјоделки и земјоделци.

Таа пред министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и пред министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски истакна дека жените од руралните средини се уште се соочуваат со социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита, јавни и социјални услуги.

-Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Според официјалната статистика, во просек 45 отсто од вкупниот број вработени во државата се вработени во руралните средини. Од нив 19 проценти се самовработени, а 12 отсто е неплатен семеен труд. Високиот процент на рурални жени кои не се активни на пазарот на труд произлегува од нивниот ангажман во домот, како што е: грижа за деца, грижа за постари лица и други домашни обврски кои претставуваат неплатена работа и покрај тоа што активно работат на поле и се активно вклучени во земјоделството. Дури и кога работниот труд на жената е платен, тие заработуваат само 33 проценти од она што го заработуваат мажите во истиот сектор, посочи Мојсовска.

Во анализата се вклучени аспекти кои се однесуваат на  законски и подзаконски акти, механизми, фискални.  Анализата е подготвена од страна на Националната федерација на фармери во рамките на активности поврзани со родовата еднаквост во руралните средини, поддржани од Швеската организација за развој We Effect.

 Министерката Јована Тренчевска на денешниот настан  посочи дека процесот во унапредувањата на правата на жените земјоделки ќе  биде транспарентен со вклученост на сите засегнати страни. „До сега направивме многу активности во насока на унапредување на положбата на жените од руралните средини, меѓутоа тука нема да застанеме. Ќе продолжиме да креираме нови политики кои ќе значат дополнително подобрување на статутот на жените од руралните средини. Во новите законски решенија за  родовата еднаквост и за работните односи, се вметнати најдобрите европски практики, и очекуваме да дадат нова димензија во концептот на еднаквост. Тие се подготвува во соработка си сите засегнати страни бидејќи напредок може да има само со вистински партнерски однос. Заедно треба да работиме и на промена на традицијата и менталитетот, земјоделскиот имот подеднакво да се дели и на момчињата и на двојчињата во семејството“, рече министерката Тренчевска. 

Нашата цел е да ја видиме руралната жена почитувана и силна, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски пред презентацијата на Анализата за наоѓање правен механизам за остварување на правото за користење платено родителско отсуство и боледување за регистрираните земјоделки и земјоделци.

Николовски истакна дека денешниот настан е токму во таа насока – остварување на уште едно право на руралните жени, на правото на користење платено родителско отсуство и боледување.

“Ова право е наменето за сите регистрирани земјоделци и јас во мое лично име и во името на МЗШВ давам силна поддршка да се изнајде правен механизам и конечно вистински да ја заштитиме оваа категорија граѓани. Тоа се луѓето кои ја обезбедуваат нашата храна. Тоа се жените од руралните средини кои со своите раце ги произведувааат најубавите специјалитети, традиционални локални и регинални производи, жените кои развиваат нови производи, нови брендови и нова додадена вредност во македонската економија. Да не заборивме дека тоа се луѓето кои немаат работно време, за нив денот трае од утро до мрак. Навистина, создадени се сите услови конечно да ги остварат своите права кои ги имаат сите останати работници, право на одмор, боледување и платено родителско отсуство, потенцира министерот и изрази надеж дека наскоро ќе бидат промовирани и донесените законски решенија со кои, нагласи, максимално ќе се подобри социјалниот и економскиот статус на земјоделците”, потенцира Николовски.

PPP-analiza-porodilni-i-boleduvanje111

 

PDF Embedder requires a url attribute