Зголемување на соработката за активно промовирање на позитивни примери на родова рамноправност (посебно во делот на рушење на традиционалните норми и еднаков пристап на мажите и жените за сопственост на земјоделско земјиште и имот), воспоставување на механизми за едукација и информираност на жените од руралните средини за нивен економски и социјален развој. Ова е потенцирано на денешната on line конференција „Пристап на жените од руралните средини до правото на имот“, организирана од Националната федерација на фармери. Конференцијата е дел од активностите на регионалната кампања „Зајакнати жени, зајакната економија“ поддржана од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамките на проектот „Поддршка на диверзификацијата на економските активности во рурални подрачја на Југоисточна Европа“ и Отворениот Регионален Фонд на ГИЗ за Југоисточна Европа – Правни Реформи.
На конференцијата се потенцира дека во моментов, 27,81% од имотите во Северна Македонија се во сопственост на жени, додека 72,19% во сопственост на мажи.Во руралните области, ситуацијата е полоша, каде што само 5% од жените се носители на сопственички права, обично откако ќе станат вдовици. Се смета дека жената ќе го „однесе“ имотот што го наследила во друга куќа кога ќе се омажи и средствата нема да останат во семејството. Традицијата налага дури и ако на жената ѝ се понуди дел од имотот, таа да го одбие.
„ Треба сериозно да се сфати ова прашање и од страна на руралното население но и од страна на институциите, доколку сакаме да се избориме за почитување и гарантирање на едно од основните човекови права, а тоа е правото на сопственост, кое е еднакво и за мажите и за жените. Од друга страна апелирам дека ние руралните жени мора да се бориме заедно против традиционалните норми што го попречуваат нашиот развој. Треба да инсистираме нашите ќерки да добиваат имот исто како и нашите синови. Ние сме тие што треба да ги научиме нашите деца дека имотот треба да се распределува еднакво“, потенцира Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери во својот поздравен говор на конференцијата.
Во поздравниот говор , Бенџамин Мор, Тим лидер на регионалниот проект на ГИЗ за поддршка на економската диверзификација на руралните средини во Југоисточна Европа (СЕДРА), истакна дека економското зајакнување на жените е од суштинско значење за промовирање на еднаквоста помеѓу жените и мажите и предуслов за одржлив развој.
Енвер Хусејин, заменик министер за труд и социјална политика во своето обраќање потенцирa дека во Министерството за труд и социјална политика се работи на Новата стратегија за родова еднаквост во која една од приоритетите е подобрување на положбата на жените во руралните средини.
Гоце Георгиевски, раководител на Сектор за рурален развој во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нагласи дека новата Стратегија за земјоделство и рурален развоје е насочена кон воведување на дигитализација во земјоделството и ефикасни советудавни услуги, така што МЗШВ ја почитува потпишаната Декларацијата за подобрување на социјална и економска положба на жените од руралните средини и работи на отстранување на стереотипните сфаќања дека земјоделството е машка професија.
Во својата презентација д-р Вероника Ефремова, проектен менаџер наод Отворениот регионален фонд на ГИЗ за правни реформи, потенцираше дека „како резултат на недоуредена правна рамка, постоење на дискриминирачки обичајни правила, слаба примена на правата на сопственост под влијание на традицијата и религијата и недостаток на свест и информираност на жените за нивните права на сопственост на имот е неопходно економско зајакнување на жените во насока на зголемување на процентот на жени сопственички или ко-сопственички на имот во Република Северна Македонија, постигнување на економска еднаквост и сигурност и одржлив развој.“
Д-р Ирена Џимревска, Советник во проектот на ГИЗ СЕДРА, истакна дека регионалната кампања „Зајакнати жени, зајакната економија“ има цел да ја подигне свеста на жените во руралните области за законските права на сопственост, како и да го промовира женското претприемништво како предуслов за економско зајакнување на руралните жени. Улогата на невладините организации кои работат во областа на земјоделството и руралниот развој и позитивните примери од терен имаат големо значење во процесот на подигање на свеста, но и во зајакнувањето на капацитетите со цел унапредување на претприемништвото на жените како важен сегмент за економскиот развој на руралните подрачја во Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија.
Според Билјана Петровска – Митревска, проект менаџер во Националната федерација на фармери треба да се зајакнат механизмите за учество на локално и национално ниво, бидејќи руралните жени покажуваат ограничена свесност и доверба дека некој ќе го слушне нивниот глас, а уште помалку дека ќе бидат земени нивните предлози и препораки предвид при донесувањето одлуки. Особено е значајна едукацијата и економското јакнење на жените за нивно поголемо инволвирање во процесот на одлучување во управувањето на земјоделското стопанство каде што подеднакво работат и двата сопружници.
На on line конференција „Пристап на жените од руралните средини до правото на имот“ присуствуваа претставници од институции, амбасади, организации и земјоделци од сите региони на Република Северна Македонија.
Stay In Touch