Национална федерација на фармери преку својот секторски систем за лобирање и информирање  ги следи состојбите во земјоделството, кој е исклучително значаен сектор за обезбедување на стабилна економија, посебно во делот на обезбедување на храната во ова исклучително тешка систуација во нашата држава и затоа ги споделува теренските информации и дефинираните препораки и барања до надлежното министерство.

Од друга страна сакаме да потенцираме дека 180 000 семејства егзистират од земјоделството и 45% од македонското население живее во рурални средини, кои зафаќаат 87% од вкупната површина на земјата.

ОВЧАРСТВО/ГОВЕДАРСТВО/ЖИВИНАРСТВО/СВИЊАРСТВО

Во овчарството генерален проблем согласно информациите од претходната недела е неоткупено јагне. И покрај информацијата на МЗШВ дека сточна храна и репроматеријали со регулирањето на протоколите за транспорт ќе се одвива непречено, постои стравување кај сточарите од недостаток на храна кое ќе се одрази врз производството на млеко, јајца и месо.

БАРАЊА

  • Согласно одлуката на Владата за изнаоѓање на решение за извоз на јагнете , треба да се земе во предвид дека треба да се бара извоз на тешко јагне, бидејќи сега просечната големина на јагнето изнесува 20 килограми.
  • Да се воспостави комуникација со маркетите во Република Северна Македонија и да се поттикнат да вршат зголемен откуп на домашно јагне за продажба.
  • Во периодот што доаѓа согласно календарот за исплата на субвенции приоритет во делот на исплатата на субвенциите да се даде на субвенциите за исплата на јагне дадено во кланични капацитети (400 денари за откупено јагне) – подмерка 2.4. од Програмата за финансиска подршка во земјоделството 
  • Да се даде приоритет во делот на исплатата на субвенциите за оставено женско јагне – подмерка 2.8. од Програмата за финансиска подршка во земјоделството.
  • Да се објави оглас за аплицирање на мерката 213 „Помош за зачувување на руралните предели и нивните традиционални карактеристики” со која се покриваат платите на лицата кои се задолжени на фармите за чување и напасување на добиток (овци, кози и/или говеда) на пасиште.

ПОЛЕДЕЛСТВО И ИНДУСТРИСКИ КУЛТУРИ

Состојбата во моментот со житните култури е стабилна и се одвива согласно земјоделските активности, предвидени во пролетниот период. Поледелците ја поздравуваат одлуката на Владата за забрана за извоз на пченица и брашно до 30 април. Определени проблеми можат да се јават во оризопроизводство во кочанскиот регион , каде што поради малата количина на врнежи во изминатиот период ќе се јават  проблеми со наводнувањето. Тутунопроизводството се одвива во добра динамика, единствено тутунарите стравуваат од проблем со наоѓање на сезонски работниците во периодот кога ќе биде бербата.

БАРАЊА

  • Да се следи состојбата со оризопроизводство и да се излезе во пресрет на оризопроизводителите доколку се соочат со проблем со наводнувањето.
  • Агенцијата за стоковни резерви во соработка со МЗШВ навремено да ја спроведе процедурата за откуп  на житните култури за стокови резерви каде цената би била повисока од производната.

ОВОШТАРСТВО И ЛОЗАРСТВOTO

Во овоштарството и лозарството тековно се извршуваат активностите и ситуацијата е стабилна без никакви проблеми. Овоштарите и лозарите стравуваат само од пролетните мразеви, кои можат да направат проблем со производството. Производителите на саден материјал на овошки и лозови насади во моментот се соочуваат со недостаток на сезонски работници, бидејќи најголем дел од овие работници се обезбедуваат од Србија.

ГРАДИНАРСТВО

Сезонските работи во градинарството се одвиваат тековно. За десетина дена треба да започне бербата на пролеттната зелка и градинарите се загрижани за откупот на зелката кој е поврзан со извоз. Тие истакнуваат дека најголем проблем за извозот е тоа што шоферите на камионите кои патуваат во странство се во карантин 14 дена. И тоа го дефинираат како голем проблем за нив.

БАРАЊА

  • Да се воспостави комуникација со маркетите во Република Северна Македонија и да се поттикнат да вршат зголемен откуп на домашна зелка за продажба.
  • Да се изнајде начин за непречено одвивање на извозот на пролетна зелка, каде што проблем се прави со тоа што шоферите на камионите кои вршат извоз се во карантин 14 дена.
  • Да се следи состојбата со залихите за  репроматеријали потребни за ѓубрење и заштита и семенскиот материјал.

БАРАЊЕ ЗА РЕГИСТРИРАНИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ

Во делот на економските мерки да се направат и олеснување во делот на исплатата на даноците на регистрираните земјоделци, чија примарна дејност е земјоделството, а се регистрирани согласно Законот за вршење на земјоделска дејност.

БАРАЊЕ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА РОКОТ ОД ЈАВЕН ПОВИК 01/2020 НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО И РУРАЛНИОТ РАЗВОЈ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА СРЕДСТВА НА МЕРКАТА 1 ОД ИПАРД ПРОГРАМАТА

Барање за продолжување на рокот од Јавен Повик 01/2020 на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој од 29.02.2020 за доставување на барања за користење на средства по Мерка 1, Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства од ИПАРД Програмата 2014-2020. Поднесувањето на барањата за ИПАРД мерката претпоставува собирање на обемна документација од различни институции, како и подготовка на планови (бизнис и техничка документација) што подразбира одење по институции, директен контакт со експерти за изработка на плановите и собирање на понуди од компании. Ваквите чекори се во целосна спротивност со мерките на Владата за седење дома и не напуштање на домовите освен за многу итна потреба. За таа цел НФФ на 19.03.2020 испрати и барање до Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој и земјоделство за пролонгирање на рокот за аплицирање на овој повик на ИПАРД и се надеваме дека и МЗШВ согласно законските одредби ќе се заложи за пролонгирање на овој рок.