Прес материјал од Пресконференцијата
16.12.2025
Почитувани новинари Национална федерација на фармери преку својот секторски систем за лобирање и оваа година ги анализираше состојбите во земјоделството. И понатаму останува голем предизвик и проблем неорганизираниот пласман. Она што најмногу го погодува македонскиот земјоделец се ниските откупни цени и овој тренд е забележителен во последните десет години што ги доведува примарните земјоделски производители во ранлива положба во поглед на стопанските и деловните активности, како и нивниот животен стандард.
Она што може да се дефинира како значајни проблеми и предизвици во делот на пласманот на земјоделството се следните : Ниски откупни цени, неорганизираност кај самите земјоделци, нелојална конкуренција која го има монополот на пазарот за откуп, непостоење на договорно производство, недостаток на едукација и инвестирање во нови технологии од страна на земјоделците, недостаток на едукација за претприемништво и непостоење на фунционални форми на еконосмко здружување на земјоделците.
Голем проблем за нас земјоделците е миграцијата и непостоење на интерес на младите да се занимаваат со земјоделство. Загрижувачки е податокот дека миграцијата на граѓаните од руралните средини кон градовите и европски држави достигна 50% високо ниво. Според Пописот во 2021 Северна Македонија се соочува и со изразена регионална нерамномерност на населението помеѓу урбаните и руралните средини. Во земјава доминира урбаното население со вкупно 1 131 356 жители (или 61.6 %), додека во руралните средини живеат 705 357 жители(или 38.4 %). Малите и економски слаби рурални општини имаат значителни проблеми за одржување на квалитетот и пристапот до основните услуги како што се здравствените, образовните и социјалните услуги, особено за населените места со помал број жители, што резултира со поголемо незадоволство од квалитетот на животот кај руралното население во однос на она кое живее во урбаните средини.
Еден од најголемите проблеми во земјоделскиот сектор во земјата е стареењето на работната сила и немање на работници. Мораме да истакнеме дека во сите земјоделски сектори имаме недостаток на работна сила и во најголем процент во земјоделскиот сектор се останати работници на возраст од 50 години.
Таков е наметнат тренд каде што земјоделството е неатрактивна работа и не сакаат да бидат работници во овој сектор. Тоа негативно се одразува на продуктивноста односно се намалу производството од една страна и сите земјоделци се снаоѓаме како што знаеме со зголемен обем на работа и дополнителни нервози и стресови. Голем дел од фармите се заинтересирани исто така за увоз на работници на своите фарми бидејќи не може да се постигне со работа.
За да ги поддржиме земјоделците, посебно младите, потребно е да се инвестира во инфраструктура, поголема работа и ангажман на руралните општини во насока на решавање на проблемите, образование и обука на младите лица во земјоделство и агроиндустрија, воведување на нови технологии на производство. Кампањите за промоција на земјоделството и неговите предности, заедно со поволни кредити и поддршки за почеток на земјоделски бизниси и живот во рурални средини, се исто значајни за развојот на руралните средини и одржливост на земјоделството.
Од друга страна и негативните влијанија на климатските промени кои што прават големи штети во сите земјоделски сектори придонесуваат разочарување кај самите производители на храна. Сметаме дека во политиките и стратегиите на руралните средини треба посебно да се даде акцент на климатските промени, навистина се голем проблем за нас земјоделците и руралното население и мора да го прилагодиме производството на новите климатски услови. Колебливоста на климата е веќе зголемена во Македонија и нашата држава веќе стана земја со висока изложеност на најразлични природни непогоди, особено: поплави, суши, екстремни температури, град и земјотреси.
Годината што измина донесе неколку важни чекори:
Донесена е Националната стратегија за консолидација на земјиштето 2025–2035, стратешки инструмент на земјишната политика кој треба да ги поддржи пошироките национални цели – од прилагодување кон климатските промени, преку заштита на биолошката разновидност, до одржлив рурален развој. Сметаме дека оваа стратегија мора доследно да се имплементира.
Добро е што веќе се воспостави практика секоја година да се објавува и да се дава приоритет на мерката 112 за младите земјоделци од Програмата за рурален развој.
Значајно е ревидирањето на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021–2027 и што се подготвува нов Закон за земјоделство и рурален развој. Како Национална федерација на фармери активно учествувавме во неговото креирање и дефинирањето на делот на организации на производители кои се добра економска форма на здружување на сите чинители во земјоделскиот сектор и тој пример ние го видовме и во Хрватска каде што се здружени сите заедно и производители, компаниии, задруги и здружениаја.
Добро е што новиот закон ќе биде усогласен со директивите на ЕУ и ќе стави акцент на заеднички настап на пазарите, економските форми на здружување, справувањето со климатските промени, младите и дефинирањето на земјоделството како вистинска професија.
Континуирано се спроведува Програмата за поттикнување на потрошувачка на свежо овошје, која ќе продолжи и во 2026 година, обезбедувајќи свежо овошје за децата во предучилишна возраст. Ние, како Федерација, дадовме значаен придонес при воспоставувањето на оваа програма, со поддршка од Шведска и We Effect. Таа веќе станува двигател за формирање групи на производители – процес кој треба да прерасне во системско решение.
Особено охрабрувачки е што сè поголем број земјоделци кои навистина живеат од земјоделството се регистрираат како мали оператори со храна, додавајќи вредност на своите производи. Тука ја поздравуваме и кампањата „Македонско најдобро“ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и двете големи саемски манифестации кои беа организирани во рамки на кампањата. Ова се мерки што директно го јакнат економскиот капацитет на земјоделците, особено на младите и на жените. Колку е важна оваа поддршка, се потврди и на нашиот саем во Skopje City Mall на 13 декември, кој го организиравме со поддршка на Шведска и We Effect. Се покажа дека постои реална побарувачка за македонски земјоделски производи – само треба да се изградат стабилни пазарни врски.
Сакам да истакнам и уште една суштинска точка: за земјоделството да стане препознатлива и почитувана професија, мора да се унапреди економскиот и социјалниот статус на жените земјоделки и земјоделците. Во таа насока, како Федерација силно се залагавме за донесувањето и промоцијата на Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност. Оваа програма се применува веќе трета година и ќе продолжи сè додека не се воспостави трајно системско решение. Благодарение на заедничките напори, прагот на приход за остварување право во Програмата за 2025 година беше намален од 300.000 на 150.000 денари, а прагот за финансиска поддршка согласно Програмите за финансиска поддршка во земјоделството – се намалени од 100.000 на 50.000 денари. Ова е чекор напред што ќе им овозможи на многу повеќе регистрирани земјоделки да ги искористат средствата што им следуваат за мајчинство. Со оваа програма, земјоделките конечно добија право на платен надоместок кога поради раѓање се спречени да ја вршат земјоделската дејност. Станува збор за индивидуални регистрирани земјоделки кои не се опфатени со прописите за породилно отсуство од работни односи – проблем кој трае повеќе од три децении, а за првпат се решава на системски начин.
Воедно, би сакале да укажеме дека во 2026 година посебно внимание треба да се даде на повеќе клучни приоритети:
Потребна е засилена поддршка за јакнење на економските форми на здружување – како што се организации на производители и земјоделските задруги. Овие форми се основа за заеднички настап на пазарот, поголема конкурентност и стабилно производство.
Навремената исплата на субвенциите и поддршките од Програмата за рурален развој мора да стане пракса. Овие средства се значајни за развој на земјоделскиот сектор, за обезбедување квалитетна храна и за домашните пазари и за извоз.
Го поздравуваме реагирањето на институциите за случаите на злоупотреба на ИПАРД програмата. Сметаме дека истрагата треба да се спроведе до крај и да се изречат соодветни санкции. Тоа е во интерес на сите – и на земјоделците и на земјоделските компании, кои се најголеми корисници на ИПАРД. Овие средства се наменети за развој и модернизација на земјоделството и руралните средини, а не за злоупотреба.
Неопходни се поголеми поддршки и едукации за воведување нови технологии што ќе им помогнат на земјоделците да се приспособат на климатските промени, како и сигурно и навремено функционирање на системите за наводнување. Потребно е да започне и целосната примена на Законот за советодавни услуги, бидејќи едукацијата и стручната поддршка се столб за напредок.
Потребни се силни едукативни кампањи за воведување договорно производство и за производство кое е квалитетно и стандардизирано. Ова е суштински чекор за стабилни пазарни односи и предвидливи приходи.
Потребно е развивање мерки и посебни стратегии кои ќе придонесат за намалување на миграцијата во руралните средини. Низ годините повеќепати укажувавме – младите од руралните средини мора да бидат активно вклучени во креирањето на сите стратегии и програми наменети за нив и програмите да бидат континуирани и финасиски поголеми. Истото се однесува и за лицата со попречености во руралните средини – најневидливата алка во нашето општество, која мора да добие поголема поддршка и видливост.
Во насока на укажување дека домашното производство мора да се зачува и зајакне, Националната федерација на фармери ја спроведува и кампањата „Купувајте домашни земјоделски производи“. Целта е да се поттикне зголемување на потрошувачката на домашните производи на домашниот пазар. Ние ќе продолжиме со активностите за подобрување на економскиот и социјалниот статус на земјоделките и земјоделците, како и со едукацијата и информирањето за развој на земјоделските стопанства.
За крај, би сакал да нагласам дека сета работа што ја извршуваме во Националната федерација на фармери – сите наши активности, ставови и иницијативи – се градат врз основа на ставовите на нашето членство. Тие се разгледуваат од Управниот одбор и Извршната канцеларија, и како социо-економски партнер ги презентираме пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и пред сите релевантни институции.
Stay In Touch