Национална федерација на фармери заедно со здружението Здружение Радика – Де, одржавме продуктивна средба со рурални жени од дебарскиот регион во Центар Жупа. На средбата отворено разговаравме за предизвиците со кои се соочуваат жените во овој крај и заклучивме дека е неопходна континуирана поддршка на иницијативи за економско јакнење, поголема социјализација и здружување на руралните жени, како и подобра достапност на услугите за руралните заедници.Дружењето и размената на искуства претставуваат важна алатка за охрабрување на жените да преземаат иницијативи за подобрување на нивниот економски и социјален статус.Билјана Петровска Митревска, проект менаџерка во Националната федерација на фармери, ги презентираше активностите на НФФ истакнувајќи дека една од основните активности е лобирањето и застапувањето за малите земјоделци, руралните жени, младите од руралните средини и лицата со попречености. Таа ги презентира:Државната програма за мајчинство за регистрирани земјоделки, Мерката за поддршка на земјоделките преку Програмата за рурален развој, значењето на малите оператори и методологијата „Едно село – еден производ“.
Билјана нагласи дека заедништвото е клучен чекор кон личен и колективен напредок, посочувајќи дека основа за успешен настап на пазарот е економското обединување, квалитетот, стандардизацијата, маркетингот, брендирањето и градењето на силна приказна . Фадрије Мустафова, претседателка на „Радика Де“ и советничка во НФФ за ProfilPASS, го истакна значењето на оваа алатка – која преку раскажување на личната приказна, помага жените да препознаат и развијат бизнис идеи базирани на сопствени вештини и работни активности. Таа сподели дека здружението активно работи на тоа жените од регионот заеднички да ги продаваат своите производи, со што се создава чувство на заедништво, охрабрување и нивен економски развој. Активноста е дел од проектот „Поддршка на малите земјоделци“, поддржан од Шведска и We Effect.