Ситуацијата е алармантна, климатските промени имаат негативно влијание врз земјоделството и сточарството, со што се намалува производството на храна, а без неа е загрозен нашиот опстанок. Потребно е поголема соработка помеѓу невладиниот сектор и институциите, едукација и информација за прилагодување на земјоделството на новите климатски услови, рехабилитација на системите за наводнување, поголема поддршка во делот на зелените акции и иновации, градење на инклузивна инфраструктура и формирање на посебен оддел во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопансто што ќе се занимава со креирање и импелментирање на мерки за намалување на влијанието од климатските промени. Ова се гладвните заклучоци на денешнот „Земјоделски форум за климатски промени“, што го спроведе Националната федерација на фармери (НФФ) со поддршка на Шведска и Шведската развојна организација We Effect. На форумот се презентираа анализи и дискутираа информации и релевантни статистики за влијанието на климатските промени врз земјоделството и руралните заедници во Северна Македонија.

 

„Преку изготвување на различни анализи, извештаи, мерки, програми можеме да делуваме да се ублажат последиците и влијанијата од климатските промени.

Убедени сме дека знаењето, вештините и иновативноста во решавање на проблемите се исправни пристапи“, истакна Даниела Иротова Лазарева, државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Ресми Ејупи, наведе дека секторот земјоделство е анализиран во сите усвоени стратешки документи од областа клима и оти се препорачани мерки за намалување на емисиите на стакленичките гасови и на неговата ранливост.

 

„Климатските промени како повеќедимензинален проблем бараат решенија од различни засегнати страни во повеќе ресори“, поентираше Ејупи.

 

Елизабет Далберг Фриск, заменик-амбасадорката на Кралството Шведска во Северна Македонија, посочи дека форумот претставува можност не само да се адресираат предизвиците што ги носи климатските промени, туку и да се истакне отпорноста, иновациите и одлучноста на земјоделците низ цела Северна Македонија.

 

„Шведска останува посветена на поддршка на иницијативи кои промовираат одржливост, еднаквост и благосостојба на заедниците. Треба да се искористи овој форум како простор за споделување знаење, поттикнување партнерства и поставување пат за иднина во која земјоделството во Северна Македонија ќе може да се прилагоди и напредува пред предизвиците на климатските промени“, порача Далберг Фриск.

 

Програмскиот координатор за регион Европа во Шведската организација за развој We Effect, Самир Мемедов потенцираше дека земјоделците и оние кои на дневна основа работат со земјоделците, треба да бидат тие кои ќе ги креираат и спроведуваат политиките.

 

„Ја имаме НФФ. Тие се формирани од земјоделците и постојат за да ги адресираат нивните предизвици. Искористете ја довербата која ние ја уживаме кај земјоделците. Заедно ќе обезбедиме соодветно прилагодување на земјоделството кон климатските промени на начин кој ќе овозможи трансформативна акција која е зелена, социјално праведна и економски издржана“, рече Мемедов.

 

Извршниот директор на НФФ, Стеван Орозовиќ потенцираше дека земјоделството и руралните заедници се соочуваат со многу предизвици, истакнувајќи го како најголем проблем на денешницата, справувањето со климатските промени.

 

„Тоа директно влијае на квалитетот и кванитетот на земјоделското производство и потребни се итни мерки кои ќе овозможат адаптација и митигација на земјоделството, поголема улога и функционалност на институциите и соработка со невладиниот сектор, како и едукација на производителите за да се справат со климатските предизвици. Тоа е важно бидејќи без храна ние го загрозуваме целиот опстанок“, поентираше Орозовиќ.

 

Елена Гроздановска, претставничка од Министерство за социјална политика, демографија и млади порача дека жените мора да се сметаат како агенти на промени, а нивните капацитети и знаења и улогата во семејството и општеството, мора да бидат целосно препознаени и искористени за развој на ефикасни политики за климатски промени.

 

Проф. д-р Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, при елаборирање на Анализата за влијанијето на климатските промени врз земјоделството во Северна Македонија, истакна дека климатските промени значително го влошуваат земјоделското производство во земјата, а како главни причинители за тоа ги посочи зголемените температури, нестабилните врнежи и недостигот на вода.

„Земјоделството е главен извор на емисии на метан и азотни оксиди, претежно од сточарството, што бара итни мерки за нивно намалување. Иако политиките на МЖСПП и МЗШВ за ублажување на климатските промени се добро дефинирани, нивната имплементација е слаба, а мерките често се одвоени од реалното производство“, наведе проф. д-р Чукалиев.

Тој порача дека се потребни конкретни чекори за подобрување, како зајакнување на поддршката за земјоделците преку финансиски и технички стимулации, формирање на специјализирана структура во МЗШВ за координација на мерките и политики, како и поголеми инвестиции во ефикасни технологии и системи за наводнување.

Професорот заклучи дека усогласеноста на политиките со практичните потреби на земјоделците е клучна за успешно справување со климатските предизвици.

Проф. д-р Вејкослав Танасиевиќ од Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, презентирајќи ја Анализата за наводнувањето во земјоделството во Северна Македонија, посочи дека состојбата е незадоволителна, но оти има огромен потенцијал за рехабилитација и подобрување преку инвестиции во нови и постоечки системи, институционални реформи и зголемена поддршка од домашни и меѓународни извори, како и усогласени статистики за искористување на водата за наводнување.

„Клучни приоритети се изработка на Национална стратегија за наводнување и одводнување, рационално користење на водните ресурси, поддршка за фармерите, и усогласување на секторот со европските стандарди и националните стратегии“, нагласи професорот Танасиевиќ.

Проф. д-р Наташа Станојковска-Трајковска од Филозофски факултет – Скопје, врз основа на изготвената Анализа за негативните ефекти од климатските промени врз ранливите групи во руралните средини, заклучи дека Владата, општините и граѓанските организации треба да преземат координирани чекори за заштита на ранливите групи од климатските промени.

„Владата треба да изврши измени во законодавството за инклузивност, да поддржи пристапни инфраструктури и да обезбеди финансиски механизми за климатска адаптација. Општините треба да вложуваат во едукација за климатски ризици, да поддржат рурални заедници со инфраструктурни подобрувања и да овозможат подобар пристап до услуги за сите. Граѓанските организации треба да организираат кампањи за подигнување на свеста и да застапуваат за законски промени кои ќе ги интегрираат специфичните потреби на младите, жените и лицата со попреченост во климатските политики. Со ваква соработка, отпорноста на заедниците ќе се зајакне, а ефектите од климатските промени ќе се ублажат“, заклучи Станојковска-Трајковска.

Имено, во рамки на Форумот беше презентирано и видеото „Без вода нема храна“ на  Национална федерација на фармери (НФФ).

 

Продуктивноста на денешниот форум ќе биде презентирана со документот што ќе ги содржи сите заклучоци кои беа донесени, а истите се во насока на ублажување на последиците од климатските промени. Тој документ ќе биде доставен до сите засегнати и релавантни институции за креирање на политики и мерки во правилна насока.