Подобрување на здравствената заштита и социјалната заштита на руралните жени, подобрување на инфраструктурата во руралните средини, вклучувајќи пристап до амбуланти, пензиско осигурување, боледување и породилно отсуство, како и поголема промоција на Програмата за социјална сигурност на регистрираните жени земјоделки, е еден од клучните заклучоци што произлезе од денешната панел-дискусија „Родовата еднаквост на руралните жени: Подобрување на економскиот статус“, што беше одржана по повод Меѓународниот ден на руралните жени.
Во рамки на панел-дискусијата, што се одржа на настанот што Националната федерација на фармери (НФФ), со поддршка на Шведска и Шведската организација за развој „We Effect“,го организира по 17ти-пат, пред околу 200-те присутни членки, беше поентирано дека потребно е подобрување на статистичката видливост на руралните жени во националните податоци за да се овозможи подобро креирање политики.
„Од исклучителна важност е да се зајакне соработката меѓу невладините организации и државните органи за подобри резултати во однос на родовата еднаквост во селата, како и да се надминат социо-економските нееднаквости преку обезбедување еднаков пристап до финансиски ресурси, поволно кредитирање и пристап до пазари“, потенцираа панелистите Весна Бендевска, потпретседателка на Собранието на РСМ, Жаклина Пешевска, претседателка на Собраниска комисијата за еднакви можности на мажите и жените, Билјана Петровска – Митревска, проект менаџерка во Национална федерација на фармери, Фросина Ѓоргиевска, земјоделка и рурална жена од Преспа и Лилана Стоилковска, младa земјоделка и рурална жена од село Митрашинци, беровски регион.
Тие нагласија дека од круцијално значење е да се спроведуваат кампањи за зголемување на свесноста за проширување на бројот на жени од руралните средини за сопственост до земјиште и името на село.
„За унапредување на условите на жените од руралните средини, потребно е проширување на програмите за образование и развој на вештини наменети за руралните жени, со фокус на претприемништво, стручна обука и економски можности, како и обезбедување на обука за дигитални алатки и технологија за подобрување на земјоделската продуктивност и пристапот до пазари“, заклучија говорниците.
Во рамки на панел дискусијата беше презентиран и ревизорскиот извештај „Родова еднаквост и зајакнување на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд“, изготвен од Државниот завод за ревизија на РСМ, при што беше наведено дека мерките и активностите за родова еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд кои се преземаат од страна на надлежните државни институции не се доволно ефикасни и ефективни со цел вклучување на жените од руралните средини на пазарот на труд и задржување во руралните средини.
„Жените од руралните средини се соочуваат со голем број предизвици: социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита и други јавни и социјални услуги. Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во голема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата“, потенцираше на настанот претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска.
Гордана Силјановска – Давкова, претседателка на Северна Македонија, упати благодарност до руралните жени, нагласувајќи дека тие се столб на земјоделитето и оти без нив ќе нема деца и ќе нема храна, што е од најголемо стратешко значење за оваа земја.
Претседателката поентираше дека е многу загрижувачки фактот што само пет проценти од руралните жени во Северна Македонија поседуваат имот, истакнувајќи дека токму тие жени се апсолутни лидерки, хероини, на кои треба да им се восхитуваме и да ги поддржуваме индивидуално, институционално и на секаков начин.
„Женските права се човекови права, прават на руралните жени се човекови права, значи можеме да ги решаваме не само локално, не само национално, не само регионално, не само европски, туку и на ниво на Обединетите нации, и токму затоа треба таму да испратиме луѓе со знаење, дигинитет и интегритет и да посегнеме по измени на светско ниво во поглед на статусот и промените што се неопходни“, истакна претседателката Силјановска – Давкова, осврнувајќи се на членството на нашата земја во Советот за човекови права на ОН.
Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во своето воведно обраќање нагласи дека руралната жена е столбот на македонското општество, нагласувајќи дека МЗШВ се залага и ќе се залага уште повеќе, преку низа на мерки и иницијативи за нејзино непречено функционирање.
„Општина Битола има 65 села, со околу 16.000 жители, во 5180 домаќинства. Во најголемиот дел од нив, столбови се руралните жени. Драго ми е што денес овде, сите заедно се залагаме за нивна поголема поддршка и што на најуспешните ќе им бидат дадени соодветни признанија. Посакувам уште поголеми успеси на руралната жена – невидливата потпира и сила на селото“, наведе Тони Коњановски, градоначалник на Општина Битола.
Микаел Атерхог, раководител за развојна соработка во Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, во името на Шведска истакна дека Шведска има долгорочна посветеност кон родовата еднаквост, како на домашно ниво, така и глобално. „Оваа посветеност се одразува и во соработката на Шведска со Северна Македонија, каде што поддржуваме иницијативи насочени кон подобрување на животниот стандард на руралните жени и напредокот на родовата еднаквост“, потенцира Атерхог, раководител за развојна соработка во Амбасадата на Шведска во Северна Македонија и истакна дека позитивен пример што Шведска го поздравува е одлуката на Северна Македонија да усвои програма за платено породилно отсуство за регистрирани жени земјоделци, посочувајќи дека потребно е да се продолжи со заложби за политики кои ќе го поддржат економското јакнење на руралните жени, ќе обезбедат еднаков пристап до ресурсите и ќе ги елиминираат пречките кои ја одржуваат родовата нееднаквост.
„Жените се движечката сила на руралните заедници. „We Effect“ ја промовира женската лидерска улога и учество во традиционално машки доминирани земјоделски организации преку обуки за лидерство за жени и едукација за родова еднаквост за мажите и жените. Долгогодишното партнерство на „We Effect“ со НФФ резултираше со целосна интеграција на родовата еднаквост во севкупната работа на НФФ, водечки промотор на родова еднаквост во руралниот развој на земјата, и на тоа сме особено горди“, нагласи Сашо Ангеловски, регионален директор за регион Европа во Шведската организација за развој „We Effect“.
Карин Рау, менаџерка на проектот „Поддршка на диверзификацијата на економските антивности во руралните подрачја на Југоисточна Европа“ (SEDRA II), се осврна на досегашната соработка со НФФ во насока на унапредување на условите за руралните жени, упатувајќи пофални зборови за квалитетот и извонредниот вкус на македонските производи. Таа изрази задоволство што на Берлинскиот самит, што се одржа вчера, се отворила и темата за руралниот развој, што е од исклучителна важост за македонското општество.
На настанот, со цел да се признае посветеност на работата за подобрување на економската и социјалната состојба на жените во руралните области, како и за успешноста на активните земјоделки, беа доделени сертификати на Рахела Транталовска, Тања Орешкова, Весна Биљарска, Олга Јорданоска Грујоска, Елена Карајанова, Ружа Стоимилова, како и на организациите кои имаат направено вистински придонес за руралните жени и жените во државата,како што е Националната мрежа против насилство и семејно насилство и Здружението „Радика Де“, од дебарскиот регион.
На настанот присуствуваа претставници на институции, организации и рурални жени од цела земја. Имено, Меѓународниот ден на руралните жени е назначен во 1995 година од страна на граѓанските организации на четвртата светска конференција за жените во Пекинг и беше прогласен за официјален ден во 2007 година од страна на Генералното собрание на ООН.
Stay In Touch