Националната федерација на фармери на 13.06.2024 година во општина Неготино организираше промотивна работилница на која беа презентирани резултатите од проектот „Развој на локалната индустрија во земјоделските региони преку зајакнување на капацитетот за управување и маркетинг“. Овој проект, поддржан од Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и имплементиран од Националната федерација на фармери, за првпат ја воведе методологијата „Едно село – еден производ“ во руралните средини на Република Северна Македонија.

Методологијата „Едно село – еден производ“ се покажа како ефикасен начин за промоција на земјоделските производи и нивните преработки, со цел развој на локални бизниси препознатливи во руралните средини. Преку пилот интервенција во неготинското село Тимјаник, каде што се произведува маџун, беше демонстрирана потенцијалната успешност на овој иновативен пристап.

Оваа промотивна работилница го истакна значењето на „Едно село – еден производ“ како модел за одржлив економски развој и го потврди потенцијалот на руралните заедници во Република Северна Македонија да создадат квалитетни и препознатливи производи.

 

На работилницата со поздравни говори се обратија: Казуја Оцука, амбасадор на Јапонија во Република Северна Македонија, Нагашима Маана, претставник на JICA, Горан Стојанов, градоначалник на општина Неготино и Стеван Орозовиќ, извршен директор на Националната федерација на фармери.

Казуја Оцука, амбасадор на Јапонија во РСМ потенцира дека Република Северна Македонија изобилува со прекрасна храна и производи, како што е и маџунот и верува дека овој производ ќе влезе на нови пазари. „Оваа меѓународна соработка овозможува градење на партнерски односи помеѓу партнерските држави во кои се споделуваат заеднички искуства и знаења“, истакна Казуја Оцука, амбасадор на Јапонија во РСМ.

Нагашима Маана, претставник од JICA истакна дека реализацијата на проектот е базирана на обука за методологијата „Едно село – еден производ“ на која присуствуваше Билјана Петровска – Митревска, проект менаџер во НФФ која потоа се имплементираше преку НФФ и здружението „Шира“ од Неготино.

„Преку проектот се воведува методологијата „Едно село – еден производ“ за првпат во Република Северна Македонија и се промовира како добра практика за поддршка на локалниот економски развој. Сега маџунот произведен од здружението „Шира“ може да се најде на домашниот пазар со софистицирана амбалажа. Многу ми е драго што општина Неготино е вклучена во овој проект од самиот почеток“, потенцира Нагашима Маана, претставник на JICA.

Градоначалникот Горан Стојанов истакна дека за општината Неготино ова е значаен чекор каде што за првпат се имплементира методологијата „Едно село – Еден производ“ во насока на креирање на еден препознатлив производ „маџун“ кој треба да е препознатлив за неготинскиот регион. Заедно со амбасадорот Казуја Оцука ја истакнаа заложбата за заеднички ангажман за реализација на многу други проекти од интерес на жителите на општина Неготино.

Стеван Орозовиќ, извршен директор на НФФ,  истакна дека за Националната федерација на фармери овој проект е значаен чекор за создавање на брендови на малите локални заедници кои ќе им овозможат нивен економски развој.

Здружението Шира, кое обединува 30 рурални жени од село Тимјаник кои се производителки на маџун, сега преку добиената едукација, брендирање и промоција го продаваат овој производ на домашниот пазар. „Токму преку проектот се доби квалитетен и стандардизиран производ, можност за зголемување на количините на производство на маџун, промоција и маркетинг, баркод за продажба, воспоставена соработка со општина Неготино и промоција на маџунот како препознатлив бренд на Тимјаник“, потенцира Васка Мојсовска, претседателка на локалното здружение Шира и претседателка на Националната федерација на фармери.

Проектот преку кој е воспоставена методологијата „Едно село – еден производ“ опфаќа: истражување и анализа на потребите, идентификација на можностите за развој, планирање и дизајнирање на производот и промоција и продажба.

„Целта на оваа методологија е да ги поттикне локалните заедници да ги користат своите ресурси и вештини за создавање уникатни производи кои ќе бидат конкурентни на домашниот и меѓународниот пазар. Овој пристап не само што придонесува за економскиот развој на одделен регион, туку исто така обезбедува платформа за зачувување и промоција на производството и наследството на локалните заедници“, потенцира Билјана Петровска – Митревска, проект менаџер во НФФ.

Во рамките на проектот беа опфатени следните чекори: идентификување на засегнати страни за иницијативата „Едно село – Еден производ“, информативна работилница со засегнатите страни, подготовка на стратегијата за производство и промоција на маџун според концептот „Едно село – еден производ“, подготовка на бизнис план и маркетинг стратегија за здружението „Шира“, регистрација на баркод за маџунот и промоција преку видео запис.  На самата работилница беа промовирани стратегијата за производство и промоција на маџунот, бизнис планот, видео записот и воедно промотивните материјали кои ја претставуваат методологијата „Едно село – еден производ .