Групи на производители: Клуч за решавање на проблемот со пласманот и поттикнување на економско здружување на земјоделците

Националната федерација на фармери ја оддржа својата редовна седница на Генералното собрание на која присуствуваа 60 лица од кои 42 делегати. На самиот почеток се презентираа активностите кои НФФ ги имплементира во изминатиот период со посебен осврт на проектите и активностите на организацијата за лобирање и застапување.

На самиот почеток извршниот директор, Стеван Орозовиќ ги презентира двата клучни проекти на организацијата „Поддршка на малите земјоделци во Северна Македонија  “ (Core Support), поддржан од Шведската организација за развој We Effect и „Организациски развој на НФФ и подобрени пазарни врски за малите фармери и производители од руралните области со цел зголемен приход“, поддржан од Шведска и Шведската организација за развој We Effect.

Орозовиќ посочи дека целта на проектот Core Support е имплементацијата на НФФ стратегијата за развој, како и активностите за лобирање и застапување на организацијата. „Посебен белег на самата организација е проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени пазарни врски за малите фармери и производители од руралните области со цел зголемен приход“ преку кого се воспоставуваат системски решенија- модели за решавање на проблемите на производителите на храна во руралните средини преку воведување на алтернативни пазарни врски за земјоделците, создавање центри за храна и обезбедување економски перспективи за ранливото население, кое ги вклучува жените, младите од руралните средини”, истакна Орозовиќ.

Првиот воспоставен систем е преку поддршка на мал оператор за храна, Рахела и Пере Транталовски, од преспанскиот регион во насока на производство на свеж ладно цеден сок од јаболко „Преспино“ кој се поддржа во делот на производство, брендирање, продажба, маркетинг и промоција.

„За нас беше новитет и на почеток и не знаевме како сето тоа ќе успее. Го произведовме сокот и на почеток немавме продажба. Ризикот беше 90%, а успехот 10%, но со упорноста наша, поддршката од НФФ и проектот ја зголемивме продажбата и најголемиот пазар сега го имаме во Скопје. Многу ни помагаат и саемите за продажба каде што промовираме и продаваме. Со зголемената продажба, сега од мал оператор за храна прераснуваме во претпријатие преку кое „Преспино“ преку дефинирани странарди и промоција го нудиме на нашиот домашен пазар“, истакнаа Пере и Рахела Транталовски.

Школската шема е системско решение кое во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и здружението на јаболкопроизводители „Благој Котларовски“ е воспоставена во 2022 година преку Програма за поттикнување на поттрошувачката на свежо овошје. Воедно, овој механизам овозможи  одржлив пласман на јаболка за свежа потрошувачка преку организиран настап. Интервенцијата е успешно спроведена првпат во 2022 година кога се откупени 743.772 кг јаболка и е обезбедена здрава ужинка за 186.000 ученици во 350 основни училишта. Втората серија беше имплементирана во 2023 година кога Владата/МЗШВ ја зголеми поддршката од 20.000.000 МКД на 40.000.000 МКД и  ги вклучи и градинките, каде што децата добиваа свежи овошја“, така што   Програмата продолжува да се имплементира и во 2024 година.

„ Со спроведување на ова пилот школска шема, НФФ успеа во 2022 најголем дел од откупот на јаболка да се изврши од мали земјоделци од регионот на Преспа, или од вкупно 43 семејни земјоделски стопанства, еквивалент на 164 земјоделци, со фокус на млади и жени (повеќе од 30%). Со ова се мотивираа земјоделците од овој регион да воспостават група на производители која ќе има поголема моќ и конкурентност на пазарот. Она што е проблем во земјоделскиот сектор е неорганизираниот пласман и откуп на земјоделски производи, така што со овој пример се поттикнува еден механизам за организиран откуп и пласман на земјоделски производи, во конкретниот случај јаболкото кое со интервенцијата е поддржано во 2022 година и сега треба да се работи на економско обединување на земјоделците преку групи на производители“,  потенцира Фросина Ѓоргиевска од здружението „Благој Котларовски“ од Ресен.

Третата интервенција е поддршка на веќе воспоставена и сертифициранa школа за основно пчеларство на одржлив начин која ја спроведува здружението Меден Исток со посебен осврт на младите и жените.

„Воспоставување на школата е направена преку Швајцарски проектот, каде што во 2022 година сме подржани од проектот на НФФ во насока на едукација на млади пчелари и пчеларки кои сакаат да се стекнат со професионално знаење за пчеларење и да произведуваат квалитетен, органски мед. Во 2022 година 37 лица ја посетија обуката од кои во најголем дел се млади и жени. Оваа интервенција им дава можност за самовработување и остварување на приходи во земјоделството и руралниот развој“, потенцира Ванчо Кировски, претседател на здружението „Меден Исток“.

Во рамките на овој проект беше спроведена и интервенцијата на договорно производство и продажба на пченица, за првпат воспоставен во овој сектор како најризичен со најголем број на предизвици кога станува збор за откуп и каде што со години производната цена е повисока од продажната. Бизнис моделот се фокусира на договорно земјоделство, во кој откупувачот на пченица во исто време е и давател на инпути и советодавни услуги.

„Преку интервенцијата малите земјоделци добија сертифицирано семе од пченица и услуги кои ќе го зголемат квалитетот и квантитетот на нивното производство. Обезбедувањето советодавни услуги и висококвалитетните инпути се дел од односите меѓу трговците и производителите. Целна група на интервенцијата се 20 мали земјоделци производители на пченица од  пелагонискиот регион кои потпишаа договори за откуп со компанија со што за првпат во нашата држава се применува моделот на договорно производство за пченица, кој стратешки производ во државата. Интервенцијата се спроведе во 2022 година и сега самостојно се спроведува каде што откупувачот воспостави договорни односи со поледелците. Оваа интервенција треба да се примени и во другите региони кои произведуваат пченица, но и во другите сектори.“, потенцира Стеванче Јорданоски од здружението „Фармер“ од прилепското село Мажучиште.

Проект менаџерката Билјана Петровска – Митревска ги презентира активностите и резултатите од проектите „Поддршка на пазарните врски за руралното население со акцент на лицата со попреченост, руралните жени и другите ранливи групи“ подржан од проект „Поддршка на економската диверзификација на руралните области во Југоисточна Европа“ (SEDRA II), поддржан од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH и „Подобрување на вработливоста на руралните жени преку ProfilPASS“,  поддржан од регионалните проекти „Социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан“ и „Поддршка на диверзификација на економските активности во руралните подрачја во Југоисточна Европа“ спроведени од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Таа потенцира дека овие два проекти се наменети за маргинализираните групи во руралните средини , а тоа се лицата со попреченост, жените и младите. Преку проектот „Поддршка на пазарните врски за руралното население со акцент на лицата со попреченост, руралните жени и другите ранливи групи“ посебен акцент беше даден на  креирање на пазарни врски преку платформата efarm.mk, организирање на саемски манифестации, обуки за пазарни врски, маркетинг и постбербени активности и средби со 17 општини за креирање на мерки во рамките на нивните буџети за поддршка на лицата со попречености во руралните средини. Имено, преку овој проект е поддржан и регионалниот состанок на организации од Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово, Србија за формирање на Регионална платформа за подобрување на економската и социјална положба на жените од руралните средини кој се одржа на 14-15 октомври 2023 за време на одбележувањето на Меѓународниот ден на руралната жена.

Славица Димова од Чашка која е лице со попреченост истакна дека ваквите активности за неа претставуваат можност да се слушне нивниот глас во општините и да се овозможи преку продажба економско јакнење на лицата со попречености, така што во рамките на овој проект беа вклучени 28 лица.

Милена Ангелова е мал оператор за храна која произведува ајвар од сопствена пиперка во село Паликура која истакна дека за НФФ се информира преку социјалните мрежи, станала член и ваквите саемски манифестации и помогнале за поголема промоција и продажба. Рубин Џаверовски од Охрид е производител на макало од лук кој истакна дека неговиот производ е без конзерванси и додатоци и дека преку саемите има поголема продажба и маркетинг, така што треба да се организираат повеќе саемски манифестации. Тања Орешкова од неготинското село Тимјаник е производителка на вино од сопствено производство на грозје и дека со саемите и се овозможи поголем настап на скопскиот пазар.

Петровска – Митревска истакна дека преку проектот „Подобрување на вработливоста на руралните жени преку ProfilPASS“ за првпат се применува методологијата ProfillPASS во руралните средини во насока да се допринесе за подобрување на социоекономскиот статус на руралните жени во Северна Македонија. ProfilPASS е методологија која и овозможува на секоја личност да ги процени своите вештини и компетенции стекнати во текот на животот. „ Организацијата работеше со лица со попречености, жртви на семејно насилство, жени со ниски примање кои се наоѓаат на работ на сиромаштијата. Тука би истакнале дека 36 жени од рурални средини,  се здобија со сертификат за компетенции преку методологијата ProfillPASS за жени – “Ние можеме”. Своите компетенции и вештини тие ги идентификуваа и документираа под менторство на 12 сертифицирани советници за ProfillPASS, поддржани преку проектот. Покрај компетенциите, методологијата ProfilPASS ги насочува корисничките кон идентификување на цели и следните чекори кон подобрување на сопствениот социо-економски статус“, потенцира Петровска – Митревска.

Ружа Стоимилова една од советничките потенцира дека самата обука за менторирање и неа и помогнало да открие дополнителни вештини кои ги заборавила дека ги поседува и менторирала 3 учеснички од кочанскиот регион кои преку ProfillPASS се насочиле за производство на градинарски култури и преработки од нив во насока на остварување на нивна дополнителна заработка. Славјанка Пачарска истакна дека и значи сертификатот за советник за ProfillPass, бидејќи на ваков начин може да помага на жени од рурални средини во насока на дефинирање на нивни вештини и компетенции кои ќе им помогнат за социјално и економско јакнење. Даниела Станкова која е пчеларка и оризопроизводителка и една од менторираните учеснички истакна дека со PrifillPASS откри нови вештини за унапредување на своето производство и посебно и значат обуките за дигитален маркетинг, сметководство на фарма и личен раст и развој.

Методот “Едно село – еден производ” за првпат се применува во нашата држава преку активност на НФФ. Целта е да се креира препознатлив бренд за селото Тимјаник во Неготино, посебно за производството на квалитетен маџун. Во овој процес, учествуваат земјоделки и производителки на маџун, членки на нашето локално здружение “Шира”.Оваа интервенција се реализира преку Националната федерација на фармери, со поддршка од Јапонската Агенција за Меѓународна Соработка (JICA), во рамки на проектот “Развој на локална индустрија во земјоделските региони преку зајакнување на капацитетите на менаџмент и маркетинг”.

На крај се обрати Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери која истакна дека организација неуморно работи со мал капацитет од 4 вработени и спроведува 100 активности годишно, така што заедно со Управниот одбор преземаат активности во делот на лобирањето и застапувањето во насока на јакнење на земјоделецот и земјоделката и целото рурално население.

„Преку нашите активности се слуша вистински гласот на земјоделецот и тоа преку наше активно учество во Агро Советот на Министерството за земјоделство и потсекторските групи. Сега во моментот благодарение на наша заложба се излобира во Законот за вино да се внесе член за стручно одредување на производна цена на грозјето, која ќе биде одредена преку високообразовна институција и треба да биде објавена до 15 јули и откупната цена треба да биде минимум 25% повисока од производната, така што  на ваков начин ќе се надминат манипулациите од откупувачите, а насоката е да се воспостават партнерски односи на лозарите, откупувачите и винарите. Оваа е пример како треба да се работи и во другите сектори и ние тоа ќе го бараме. Посебно ни се значајни 2 наши заложби тоа е мерката за поддршка на жените земјоделки од Програмата за рурален развој за која голема заложба дадовме ние и Програмата за поддршка на социјалната сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност преку која регистрираните земјоделки го остварија своето право на мајчинство. Ние продолжуваме да работиме со институциите за воспоставување на системско решение за регистрираните земјоделки и земјоделци да остварат право на породилно и боледување. Она што мене ме прави горда како претседателка е што во мојот мандат се воспостави партнерски однос со институции во насока на креирање на заеднички решенија и политики во насока на развој на земјоделство. Тоа се гледа и преку донесувањето на Правилниците за мали оператори за храна, поддршките наменети за нив и сега преку НФФ се спроведуваат соодветни обуки и саемски манифестации за нивна промоција, маркетинг и продажба. Мило ми е што создадовме едно земјоделско големо семејство на кое сме сите горди и заеднички дејствуваме во насока да се справиме со предизвиците и проблемите кои ги имаме и во земјоделството и во руралните средини“, истакна Мојсовска.

Во рамките на свечениот дел се обрати и деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна Вјекослав Танасковиќ, кој потенцира дека важна е едукацијата за професионализација на земјоделците.

Работниот дел се одвиваше по свечениот дел, каде што со собранието претседаваше Љубе Пампулевски.

Во работниот дел посебен акцент се даде на групите на производители и од страна на делегатите беше поздравен чекорот за организирање на обуки за групи на производители, креирање на законско решение и дејствување за нивно формализирање.

На работниот дел беа усвоени следните документи:

  • НФФ годишен извештај (наративен и финансиски) за 2023
  • НФФ програма и буџет за 2024
  • Стратегија за развој на НФФ со четири стратешки определби: организациски развој, лобирање и застапување, економско јакнење на младите и жените и пазарно поврзување, поддршка на ранливи групи во рурални средини

Годишното собрание донесе одлука да се зголеми годишната членарина за индивидуални членови од 500 на 750 денари и за групни членови од 2000 на 3000 денари.

Делегатите на  собранието истакнаа дека треба повеќе да се работи со младите фармери, јакнење на мрежата на млади фармери и нивна поголема активност во насока на креирање на соодветни политики и програми наменети за нив.