Со гордост споделуваме дека 36 учеснички преку процесот на менторирање со алатката „ProfilPASS за жени – Ние можеме!“, ги осознаа своите способности и вештини. Овие нови способности ќе им помогнат за личен развој и економско јакнење, особено во контекстот на вработување или унапредување во земјоделското стопанство.

Менторирањето се вршеше од страна на 12 советници кои во текот на изминатата година преку обука се стекнаа со вештини за користење на алатката „ProfilPASS за жени – Ние можеме!“. По завршувањето на обуката тие се здобија со сертификати за советници за ProfilPASS за жени од Центарот за доживотно учење и сега преку Националната федерација на фармери го спроведуваат менторирањето со членки на организацијата.

36-те учеснички доаѓаат од различни региони и тоа од беровскиот, кочанскиот, неготинскиот, прилепскиот, ресенскиот, дебарскиот и поречкиот регион. Преку алатката и процесот на менторирање, жените од руралните средини добија соодветна стручна и едукативна поддршка во насока на охрабрување и осознавање на своите вештини и компетенции со цел нивно интегрирање на пазарот на труд.

Сега, со иста енергија и пристап, ќе продолжиме да ја користиме алатката за советување на жените во руралните средини, охрабрувајќи ги да се вклучат или реинтегрираат во пазарот на трудот.

Активноста е дел од проектот „Подобрување на вработливоста на руралните жени преку ProfilPASS“ и е поддржана од регионалните проекти „Социјално вклучување на ранливите групи во Западен Балкан “и „Поддршка на диверзификацијата на економските активности во руралните подрачја во Југоисточна Европа“ кои ги спроведува Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).