Националната федерација на фармери преку својот потсекторски систем ги анализира состојбите со земјоделските производи. Најголем  проблем со кои се  соочувуваат земјоделците се високите производни цени, и ниските откупни цени.

Посебно се анализираше производството и продажбата на пченица. Според анализата на НФФ производната цена на пченицата изнесува 17 ден по кг., така што продажната цена за време на жетвата се движеше од 8-10 ден по кг. Додека сега на пазарот се најавува поскапување на лебот.

Со овој пример сакаме да потенцираме дека за граѓаните храната е скапа, за тие што ја произведуваат пак, заработката едвај им ги покрива трошоците.

Не е до земјоделците и не е до потрошувачите, проблемот е кај откупувачите .

„Производните цени на земјоделските производи се зголемуваат, а откупните со години се исти. Она што најмногу го погодува македонскиот земјоделец се високите производни цени и ниските откупни цени и овој тренд е забележителен во последните десет години што ги доведува примарните земјоделски производители во ранлива положба во поглед на стопанските и деловните активности, како и нивниот животен стандард.Она што може да се дефинира како значајни проблеми и предизвици во делот на пласманот на земјоделството се следните : Ниски откупни цени, неорганизираност кај самите земјоделци, нелојална конкуренција која го има монополот на пазарот за откуп, непостоење на договорно производство, недостаток на едукација и инвестирање во нови технологии од страна на земјоделците,  недостаток на едукација за претприемништво и непостоење на фунционални форми на еконосмко здружување на земјоделците. Новите ценовни шокови се на штета и на потрошувачите и на земјоделците“, потенцира Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.

„Македонското производство на пченица едвај преживува, бидејќи не постои систем на гарантиран откуп и навремена исплата, ниту планска сеидба или договорно производство, а ретко се прави и интервентен откуп, иако постои законска можност. Сето ова доведува до намалена употреба на современи технологии и инвестиции во производството и го прави овој потсектор еден од најпогодените (иако е единствениот стратешки)“, истакнува Мемет Синани, поледелц и член на Управниот одбор на НФФ.

Националната федерација на фармери направи анализа на откупните цени на домат, пиперка, краставица, лубеница и диња. Откупната цена на доматот на големо се движи во текот на оваа недела од 25 – 40 ден по кг, додека цените на скопските пазари (супермаркети, зелени пазари и пиљари) достигнува до 95-139 по килограм. Откупната цена на пиперка на големо се движи во текот на оваа недела од 25-45 ден по кг, додека на скопските пазари (супермаркети, зелени пазари и пиљари)достигнува до 85-169 ден по кг. Откупната цена на краставицата на големо се движи во текот на оваа недела од 20-45 ден по кг, додека на скопските пазари (супермаркети, зелени пазари и пиљари) цената изнесува од 97-129 по кг. Откупната цена на лубеница на големо се движи во текот на оваа недела од 14-35 ден по кг, додека на скопските пазари (супермаркети, зелени пазари и пиљари) се продава по цена од 60ден по кг. Откупната цена на дињата на големо се движи во текот на оваа недела од 10-40 ден по кг додека на скопските пазари (супермаркети, зелени пазари и пиљари) се продава 80-100 ден по килограм.

За кратко време ќе започне и откупот на грозјето кое е едно исто така од најпогодените земјоделки култури од климатските промени, така што оваа година има и намалена количина на произведено винско грзје.

„ Производната цена на грозјето за оваа година е зголемена, бидејќи зголемени беа трошоците за заштита за време на пролетните дождови,зголемени цени на ѓубривата,и проблемите со  системите за наводнување придонесоаа производните цени на винското грозје уште повеќе да се зголеми , така што во ниту еден случај ланските цени на откуп на винско грозје (14 ден за вранец и 12 денари за смедеревка) во ниту еден случај не одговараат за лозарите и се крајно понижувачки  , бидејќи тоа уште повеќе ќе го уназадува овој сектор, посебно лозарите“, вели Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.

Голем проблем во земјоделството е и немање на сезонска работна сила, голема миграција која е тренд кај младите и  негативните влијанија на климатските промени кои што прават големи штети во сите земјоделски сектори придонесуваат разочарување кај самите производители на храна. Сметаме дека во политиките и стратегиите на земјоделството треба посебно да се даде акцент на климатските промени, навистина се голем проблем за нас земјоделците и мора да го прилагодиме производството на новите климатски промени. Колебливоста на климата е веќе зголемена во Македонија и нашата држава веќе стана земја со висока изложеност на најразлични природни непогоди,  особено: поплави, суши, екстремни температури, град.