Националната федерација на фармери учествуваше на панел дискусијата „Жени од руралните средини го движат регионот“, кој беше дел од регионалната конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ“ -Гласно и храбро ги поместуваме границите, која ја организира Министерството за труд и социјална политика.

Во панел дискусијата за руралните жени се обратија Васка Мојсовска претседателка на НФФ, Анели Леина, регионална директорка на Шведската организација за развој We Effect  за регионот Европа, Дрита Абдиу Халили , државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања, Васе Бошкова, раководителката на сектор за земјоделие од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Магбуле Хисени, ЕКОКОСWOMEN од Косово.

Анели Леина потенцира дека е многу важно да се остварат правото на породилно и боледување на регистрираните индивидуални земјоделци доколку Република Северна Македонија сака да се движи на патот кон Евроспката Унија. Таа потенцира дека и е драго што се најде решение за регистрираните земјоделки да остварат право на мајчинство и во таа насока е и поддршката на We Effect.

Васка Мојсовска, претседателка на НФФ потенцира дека е многу важно во самите организации и институции сериозно да се сфатат родовите прашања и професионално да се пристапи на решавања на проблемите. Таа укажа дека НФФ е родово сензитивна организација и е многу среќна што успеале заедно со надлежните институции и со поддршка на Министерството за труд и социјална политика, како и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да најдат заеднички решение за регистрираните индивидуални земјоделки да го остварат правото на мајчинство.

Регионалната конференција ја отвори министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска која истакна: Поаѓајќи од тоа дека за правата и заштитата на правата на девојките и жените не треба да се зборува само еден ден во годината- 8 март, заедно со мојот тим и вработените во секторот еднакви можности во Министерството, одлучивме дека цел месец март ќе го посветиме на подигање на свеста за предизвиците со кои се соочуваат жените и девојките во нашето општество преку гласно и јавно зборување.