Голем број на настани беа дел од агендата на Националната федерација на фармери за време на 8ми март –Меѓународниот ден на жената. НФФ учествуваше на Првата пленарна седница на Собранието на РСМ која е посветена на унапредување на родовата еднаквост и 20 години постоење на Клуб на пратенички каде што присуствуваа голем број на претставнички на невладиниот сектор. Посебно ни е драго што во говорот на министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и претседателката на клуб на прстенички, Лолита Ристова се споменаа заложбите за руралните жени и започнување на реализација на Програмата за мајчинство за регистрираните индивидуални земјоделки.

На панел дискусија на тема: “Дигитално образование – приоритет за постигнување на родовата еднаквост“ кој се организираше во Кабинетот на претседателот на државата, Стево Пендаровски на иницијатива на неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска се обрати Фросина Ѓоргиевска, национална кординаторка на Мрежата на жени фармери во НФФ која истакна: Дигитализацијата во земјоделството е важна не само за полесен пристап до информации и јавни услуги туку таа овозможува и полесно малите и витални земјоделски стопанства да можат многу полесно да се прилагодат на новонастанатите пазарни ситуации, и поуспешно и побрзо да направат реформи со кои ќе станат поконкурентни, а со тоа и да го задржат пазарот денес и во следните децении. За сето ова ефикасно да се реализира мора да обезбедиме директна поддршка на терен и работа со земјоделците.

НФФ учествуваше на осмомартовски марш за правата на жените, каде што од невладините организации беше побарано заштита, сигурност, социјална и здравствена правда, како и економска сигурност на жените.