Загарантиран пласман и откуп е целта на договореното производство. Токму на оваа тема денеска се одржа работилница со 20 земјоделци кои се дел од интервенцијата за договорно производство со пченица. Активноста е дел од проектот „ „Организациски развој на НФФ и подобрување на пазарните врски за малите земјоделци и производители на храна од руралните области”, со цел зголемување на нивните приходи“, поддржан од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Sida  и Шведската организација за развој We Effect.

Предавач на обуката е Павлина Димовска која и подготви и прирачник за договорното производство. Работилницата ја отвори Стеванче Јорданоски, член на УО на НФФ укажувајки дека пченицата е производ со стратешко значење кое е дефинирано во Законот за земјоделство и рурален развој. „Еден од најголемите проблеми е организирање на систем кој ќе овозможи дефинирање на производната цена  на чинење на пченицата за различни категории на производители“, потенцира Јорданоски.

Во нашата држава се прават напори за потикнување на договорното производство, создавање на цврсти партнерски односи меѓу земјоделците и откупувачите и обезбедување на организирано производство и  сигурен пласман на земјоделските производи.  Земајќи го во предвид расцепканото домашно производство, големиот број на мали производители, кои многу често имаат нестандардизирано производство единствен начин на нивно обединување е организирање на еден систем на договорно производство кое ќе обезбеди стандардизирано производство на договорени количини со определен квалитет и специфики.