Откупот на  грозјето започнува за неколку денови и повторно е неплански, со голем број на манипулации кои се на штета на лозарите. Националната Федерација на Фармери преку својот потсекторски систем ги следи состојбите во лозарскиот сектор. Она што се согледува како проблем се откупните цени, негативното влијание на климатските промени, како и застарените системи за наводнување на лозовите насади.

Оваа година поради сушата и немањето доволно вода за наводнување, како и градот кој што уништи околу 1200 хекттари лозови насади во Тиквешката котлина во лозовите насади има загуби на огромни количини на грозје, што не наведува на заклучок дека количините на произведено грозје оваа година ќе бидат многу помали.

Со години наназад „смедеревката“ се откупува  од 8 до 11 денари по кг, додека винската сорта „вранец“ од 10 до 13 денари по кг.  Секоја година преку НФФ одделение за лобирање и застапување правиме пресметка за производната цена на грозјето, така што оваа година со покачување на цените на репроматеријалите за производство на грозјето лозарите, високите цени за ѓубривата,нафтата, заштитните средства и скапата работна рака која се помалку ја има, производната цена на грозјето се искачи на 18 ден по кг.

Затоа ние сметаме дека ако останат ниските откупни цени на винското грозје  како и минатите години  само се уназадува лозарството, кој е еден од значајните сектори во земјоделството, посебно за производство на вино кое е извозно орентирано и придонесува во БДП на државата. “, потенцира Васка Мојсовска, претседателка на НФФ.

Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) , виното е втор најзначаен извозен производ од земјоделско-прехранбениот сектор со учество од 11% во вкупниот извоз на земјоделско-прехранбени производи. Во текот на последните  години (2014-2021) во просек се извезуваа околу 103 милиони литри вино со приход од околу 50 милиони eвра на годишно ниво.

Со години наназад препознатлив е трендот на должење и неисплата на винариите кон лозарите. Најзначајно во целата приказна е тоа што лозарството е повторно неорганизирано, дури стихијно. Она што значително се смени е дека пораснаа цените на македонските вина (несомнено се зголеми и квалитетот), но во малопродажба вината се сé поскапи, а лозарите се посиромашни. Од фер економија и задоволство на сите во вредносниот синџир, преминавме на високи трошоци за маркетинг и креирање на приказни од кои никако производителите на грозје да дојдат до корист. Со години наназад, оваа особено важна гранка, која иако има огромни можности останува неорганизирана и во производството и во извозот. Од една страна се земјоделците кои инвестираат во нови површини, но нивниот труд не е вреднуван. Од друга страна пак се винариите кои се убедени дека секоја винарија е посебна приказна, значајно име на глобалниот пазар (иако најголем дел од нашето вино сеуште завршува на екс југословенските простори) и не наоѓаат модалитет како да одговорат на потребите на лозарите со цел сите да го добијат својот дел од колачот. Во такви услови, а посебно сега со настаната криза, потребно е да се либерализира пристапот на малите производители до пазарот, а со тоа да се влијае на стабилизирање и редистрибуција на вредноста на земјоделскиот откуп во целиот систем“ е еден од заклучоците на анализата на Националната федерација на фармери „Земјоделството и Корона кризата“[1].

Националната федерација на фармери бара да се создадат вистински партнерски односи помеѓу лозарите и винариите и согласно горенаведените податоци откупната цена на грозјето треба да изнесува околу 19 ден по кг за „смедеревка“ и 21 ден по кг за „вранец“.

Посебно внимание да посвети на подобрување и одржување на земјоделската инфраструктура во делот на патишта, наводнувањето, одводнувањето и справување со климатските промени кои посебно влијаат на квалитетот на сите земјоделски производи.

12.08.2022