Сиромаштијата  е секојдневие во животот на граѓаните во Република Северна Македонија, така што најранливите категории не ги препознаваат нееднаквиот третман, нееднаквиот пристап до социјалните, здравствени и образовни услугите, лошата инфраструктура, кршењето на човековите права како димензии на сиромаштија, туку ги согледуваат како секојдневние во нивниот живот.

Ромите, жените и младите, лицата со попречености и членовите на ЛГБТИ-заедницата се традиционално меѓу најранливите групи. Покрај непријателството и физичкиот напад, тие се и со многу висок ризик од сиромаштија. Ранливи групи, особено во руралните средини,се  младите и жените, лицата со попречености, болните и стари лица, како и самохрани родители.

Кога се прави споредба помеѓу селски и градски средини, најпогодени се селата од сиромаштијата посебно во делот на инфраструктура, ограничени пристапи кон социјални, здравствени и образовни услуги, социјален живот не постои, ниски откупни цени на земјоделските производи, ниски доходи и климатските промени ги втурнуваат во поголема сиромаштија лицата кои живеат во руралните средини.

Ова се едни од основните заклучоци на Мултидимензионалната анализа за сиромаштија во Република Северна Македонија која ја подготви Националната федерација на фармери, во рамките на проектот „ Организациски развој на НФФ и подобрени пазарни врски за малите фармери и малите производители на храна од руралните области, со цел зголемување на нивните приходи“, поддржан од Шведската организација за развој We Effect и и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Sida.

„Ова е второ издание на Мултидимензионалната анализа за сиромаштија во РСМ. Првата анализа НФФ ја подготви во 2017 година и беше доста искористена од страна на невладиниот сектор и институциите во рамките на креирањето на своите политики, стратегии, ставови и мислења. Оваа анализа е апсорпција на голем број на статистички показатели. Анализата во овој документ е базирана врз мултидимензионалната алатка за анализа на сиромаштија развиена од Шведската интернационална агенција за соработка (Sida). Алатката е користена како основа за развој на голем број стратегии на меѓународни организации во делот на нивна интервенција за борба против сиромаштијата. Алатката ги анализира четирите димензии на сиромаштија и тоа: можности и избор, моќ и глас, човечк безбедност и ресурси. Додека во рамките на развојниот контекст ги опфаќа: политички и институционален контекст, економски и социјален контекст, еколошки контекст, кофликт и мир“, потенцира Билјана Петровска – Митревска, една од авторките на анализата и проект менаџерка на Националната федерација на фармери.

„Преку сатистичките показатели анализата покажа дека потребно е зајакнување на социјалната кохезија преку реформирање на социјалната заштита, ефективен систем на услуги и поголема поддршка на институциите на пазарот на трудот. Родовата структура во политиката е значително подобрена, но потребно е да се работи на политики за подобрување на напредокот во кариерата и зголемување на уделот на жените во средното и високото раководство. Неопходно е да се изготват одредени механизми за подобрување на достапноста до работна сила, особено за квалификувана работна сила – важно е континуирано да се работи на еднаквиот пристап и услови за жените (особено во руралните средини). Родовото насилство останува една од најзначајните манифестации на нееднакви родови односи и дискриминација. Зајакнување на посветеноста за ефективна јавна испорака и добро владеење. Фокус на локалните власти, нивното финансирање, стимулации и капацитети. Обезбедување пристап до одржливо и сигурно снабдување со енергија и справување со прекумерното загадување на воздухот. Решавање на предизвиците создадени од тековното управување со земјиштето и регистрација на правата на сопственост за да се обезбеди рурален развој“, потенцира  проф. д-р Емељ Туна, авторка на анализата.

„Во рамките на анализата е спроведена и анкета врз руралното и урбаното население (75,7% од рурални средини, а остатокот од 24,3% од урбани средини). Анкетата е спроведена врз 100 испитаника. Теренското истражување покажа дека сиромаштија во земјава бележи зголемување во последните пет години и дека таа ситуација нема да се подобри во блиска иднина. Значителен дел сметаат дека се на работ на егзистенција. Мала е довербата во институциите. Основното и средното образование се задолжителни, па најголем дел од примерокот имаат завршено средно образование, освен во руралните средини каде значителен дел од испитаниците и нивните сопружници имаат завршено само основно образование. Земјоделството не претставува доволен приход за домаќинствата, а останатите платени вработувања се исто така нискодоходовни. Луѓето се чувствуваат изолирано и отсечено од општеството поради работните обврски и недостапноста на државните услуги. Сиромаштијата во земјава се идентификува дека произлегува од големиот број неправди во нашето општество“, потенцира проф. д-р Ана Симоновска, авторка на анализата.

На промоцијата со поздравни говори се обратија Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, Наташа Љубетски Aнгелиќ, проект менаџерка во Шведска фондација за развој We Effect,  Христина Ѓоргиевска,главна уредничка на веб порталот Види Вака и беа емитувани две видеа „Крпен рурален живот“ во продукција на Види Вака и соработка со Агролидер и видеото за негативните влијание на климатските промени врз земјоделството со акцент на водоснабдувањето, продуцирано од Националната федерација на фармери во соработка со We Effect.

“Земјоделките и земјоделците во Северна Македонија се соочуваат со голем број на предизвици кои посебно се одразуваат со негативни импликации на жените и младите од руралните средини, а тоа се социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита, јавни и социјални услуги. Ваквите услови ги принудуваат руралните жени и млади на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Климатските промени се сериозен проблем за нас . Во земјата доаѓа до појава на високи температури, поплави, мраз, град земјотреси, свлечишта. Човеково право не е нешто што некој ти го дава, тоа е нешто што никој не може да ти го одземе. Човековото право е најмоќното оружје за борба против сиромаштијата и развој на една држава. Во таа насока треба сите заеднички да работиме посебно во овие кризни години на Ковид криза, економска криза, поскапувања, климатски промени и воени конфликти. Храната станува многу значаен ресурс во целиот свет и доаѓа време кога ќе треба да се вреднува и развива земјоделскиот труд. Тука би сакала да упатам еден апел дека потребна е поголема ангажираност на цела држава во насока на обезбедувањето на храна, вреднување на трудот  на земјоделците и руралното население, бидејќи тие се основните ресурси за да се справиме со предизвиците кои не очекуваат и да се бориме против зголемувањето на сиромаштијата”, потенцира Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.

„Земјите на Западен Балкан имаат значителен процент од своето население кои се под ризик од сиромаштија, достигнувајќи дури до ¼ од популацијата. Четирите земји кои беа влучени во анализата се меѓу 10те најсиромашни земји во Европа и тоа – Косово го завзема третото место ($4,287 GDP/capita), Албанија ($5,215/capita), Македонија ($5,888/per capita) и БиХ ($6,032/per capita) се на 5-7мо место. Препораките се однесуваат на интеграција во ЕУ, образование и тренинг, зајакнување на социјалната кохезија и реформи во социјалната заштита, оддржлив систем за снабдување со енергенси, дигитализација, понуда на квалификувана работна сила особено женска, подобрување на поликите за управување на земјиште и евидентирање на имотот, зајакнување на локалните самоуправи, поефикасен јавен систем и владеење на правото. Полово базираните стереотипи се сеуште присутни во општествата и економиите на секоја од земјите. Неколку од земјите имаат направено исчекор во подобрено координирање на различни политики, активности и формирано релевантни институции. Сепак потребна е засилена координација и соработка помеѓу различните чинители од јавниот (локален регионален и национален) и приватен сектор  за да се се имплементираат и буџетираат родово сензитивни политики на секое ниво во општествата“, вели Наташа Љубетски Aнгелиќ, проект менаџерка во Шведска фондација за развој We Effect кои изготви мултидензионална анализа за сиромаштија за регионот Европа.

Христина Ѓоргиевска, главна уредничка на веб порталот Види Вака, истакна дека е голема улогата на медиумите за истакнување на проблемот со сиромаштијата која е сериозен проблем за државите во развој. „Медиумите се тие што може и треба да прават промени кога станува збор за вакви теми како што се сиромаштијата, но за жал ситуацијата не само во Македонија, туку и општо на светско ниво , секогаш даваат приоритет на други теми како што е политиката, а многу малку се обрнува внимание на овие теми. „Види вака“ е дигитален медиум кој што постои веќе 6 години, изминатата година сфативме дека сакаме да допреме и до поголемата публика која што нема пристап до социјалните мрежи. Ова е тема која што е навистина значајна и за која што новинарите треба постојано да известуваат“, вели Ѓоргиевска. „Види Вака “пред една година изготвиле прилогот кој што се вика “Крпен рурален живот” и токму во тој прилог се доловува целата ситуација на една рурална жена која што живее во едно патријахално општество. Во видеото е прикажан животот на  самохрана мајка која што се обидува едно пет члено семејство да го одржи со 8.300 денари месечно.

NFF_Poverty-Macedonia_et_as_compressed