Конструктивен дијалог и продуктивна средба на третиот состанок на работната група во насока на изнаоѓање на правен механизам за остварување на платено родителско отсуство и боледување на регистрираните земјоделки и земјоделци во организација на Националната федерација на фармери (НФФ) во соработка со Министерството за труд и социјална политика . На состанокот присуствуваа и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчовска и Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Министерката Тренчевска изрази уверување дека со заедничка работа на институциите и граѓанскиот сектор, ќе се дојде до унапредување на законските решенија кои ги засегаат земјоделците, особено жените земјоделки.Таа се осврна и на Конвенцијата за мајчинство, усвоена од Меѓународната организација на трудот, а ратификувана од нашата држава и неопходноста од нејзина имплементација, а го уредуваат прашањето за мајчинство.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, Никица Бачовски истакна дека како резултат од работата на полето на родово-одговорното буџетирање  креирана беше мерката 115 од програмата за рурален развој, односно мерката за поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство.

Извршниот директор на Националната федерација на фармери, Стеван Орозовиќ, изрази огромно задоволство од одзивот и учеството на институциите за решавање на толку важно прашање, како правото на надомест за мајчинство на жените земјоделки и изрази уверување за изнаоѓање на најсоодветно решение.

Во групата учествуваат сите претставници кои се номинирани од надлежните институции (Министерство за труд и социјална политика, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за здравство, УЈП, ПИОМ, Агенција за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој) и Националната федерација на фармери која го поттикна процесот на решавањето на овој проблем во рамките на соработка со Шведската организација за развој We Effect.