Важна е соработката помеѓу земјоделците и институциите во овој период, доколку сакаме заеднички да се справиме со предизвиците кои ни се случуваат и тоа конкретно поскапувањата кои ја зголемија производната цена, откупот и справувањето со климатските промени. Оваа е главната порака која се пренесе денес на Генералното собрание на Националната федерација на фармери.

На свечениот дел на собранието се обратија Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Гоце Георгиевски, раководител на сектор за рурален развој во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Васко Хаџиевски од регионалната канцеларија на We Effect за Европа и беа презентирани активностите и резултатите на НФФ каде што се обратија Васка Мојсовска, претседателка на НФФ, Мемет Синани, член на УО на НФФ, Фросина Ѓоргиевска, членка на УО на НФФ и Стеван Орозовиќ, извршен директор на НФФ. Модератор на настанот e Билјана Петровска – Митревска, проект менаџер.

Во рамките на работниот дел усвоен е наративниот и финансиски извештај на НФФ за 2021, програмата и буџетот на НФФ за 2022, бизнис моделот на НФФ и донесен е заклучок дека НФФ преку извршната канцеларија и Управниот одбор на НФФ треба да продолжи да лобира и застапува и посебно да се заложи за истакнувањето на барањето за поголема искористенот на земјоделското земјиште преку формирање на Фонд за управување на државното земјоделско земјиште. Извршниот директор на НФФ, Стеван Орозовиќ ги презентира активностите кои ги спроведува НФФ и укажа дека посебен акцент во периодот се дава на спроведување на интервенции со земјоделците во насока на решавање на нарушените пазарни врски. Овие интервенции се подржани од  Шведската организација за развој We Effect и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Sida. Воедно укажа дека посебен акцент во организацијата е лобирањето и застапувањето со тоа што НФФ е членка на најголемата лоби група во Европа, Копа – Кожека. Преку подршката на ГИЗ е креирана првата платформа за продажба www.efarm.mk, посебно внимание НФФ посветува на јакнење на жените фармери и го промовира пристапот на женско претприемништво, со тоа што НФФ заедно со Здружението на бизнис жени, Сојузот на стопански комори и МИР ја формираа Платформата за женско претприемништво. Орозовиќ нагласи дека еден од резултатите на НФФ е што го истакна проблемот на лицата со попречености во руралните средини и даде поддршка на 30 семејства во рамките на проектот From Disabiliti to FoodAbility подржан од We Effect. Претседавач на работниот дел на Собранието  е Светлана Трифуновска.

Васка Мојсовска, претседателка на НФФ

Земјоделците се исплашени зашто во континуитет влегуваме од криза во криза, од климатски промени, преку пандемија и енергетска криза до војна во Украина. Жално е што цената на репроматеријалите премногу варира од ден на ден, а веќе некои традиционални пазари во регионот се затвораат. Средствата од интервентниот фонд и мерките што ги донесе Владата се значајни и ќе направат ублажувања во делот на производството, но сепак како целосно ќе се одвива ситуацијата ќе зависи од продажбата и пласманот. Во моментов сме исплашени каде ќе ги продаваме грозјето и јаболката, праските бидејќи најмногу ги продававме во Русија и во Украина. Сега тој пазар ни се затвори. Оваа се покажа доста проблематично сега и со пролетната зелка. Затоа ни треба поддршка за барање на алтернативни пазари.Од друга страна се соочуваме со проблемите со наводнување и потребни се итни решенија и поправање на старите водоводни системи. Тоа е едно од големите предизвици во земјоделството со кои се соочуваме посебно во денешно време кога имаме негативно влијание од климатските промени. Посебен проблем во државата е недостатокот на сезонска работна сила во земјоделството и покрај покачувањето на репроматеријалите, ќе се покачи и работната рака на надничарите кои и ги нема. Ние како Федерација бараме зголемување на субвенциите за 20% и потребна ни е Национална стратегија за производство и обезбеденост  на храна за наредните 20-30 години, без тоа не можеме ни младите да ги задржиме тука кога знаат дека производството  на храна нема никаква перспектива.

Мемет Синани, член на УО на НФФ

Храната и особено житните култури секојдневно добиваат повисоки цени, а скокот на дериватите и вештачките ѓубрива неминовно предизвикуваат раст на производната цена на лебното жито. Ние како Национална федерација на фармери сме активно вклучени во рамките на потсекторската група за житни култури на МЗШВ каде што даваме предлози и каде што дадовме и свое мислење на интервентниот фонд. Сметаме дека финасиски средства кои се наменети од интервентниот фонд за житни култури се добродојдени и ќе ги ублажат последиците во делот на производството, но сепак пресудна ќе биде продажната цена. Ние даваме предлог неколку години да се направи интервентен откуп на пченицата од Државните стокови резерви за време на жетвата и за тоа се потребни законски измени. Мора да се интервенира оваа година бидејќи производната цена на пченицата поради енормно зголемените трошоци е меѓу 22 и 23 денари за килограм. Доколку тоа не го добиеме идната година во Македонија ќе нема производство на пченица .

Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој

За жал случувањата на светската сцена , а првенствено енергетската криза и воениот конфликт во Украина дополнително ја усложнија и така тешката економска ситуација со која се соочуваме. Влезните инпути во земјоделството како нафтата, енергијата , ѓубривата и останатите репроматеријали бележат огромен раст на цените. Оваа состојба се одразува крајно негативно на одржливоста на земјоделското производство. Потребни беа брзи и мудри чекори на институциите за да ги зауздаат негативните последици. Токму затоа на предлог на Министерстото за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата го усвои националниот план за присуство на храна во чија имплементација во голема мера е вклучена и Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и руралниот развој. Најпрвин со носење на програмата за финансиска подршка во земјоделството за 2022 година во делот на дирекните плаќања се интервенираше во висината на финансиска подршка за зелената нафта, односно предвидените износи по култури беа зголемени за 13% со цел усогласување со моменталните цени на дериватите. Дополнително, оваа програма предвидува суштинска реформа во начинот на исплатата на субвенциите. Со пилотирање на мерката за субвенционирање на овошни насади во 2022 година е предвидена аванси за исплата од 30% од финансиската подршка предвидена за овоштарите. Во програмата за рурален развој се предвидени нови мерки за кофинансирање на проекти и во овој момет активни се пет јавни повици и тоа за набавка на трактори, набавка на силоси, изградба на мандри, набавка на опрема за произвоство и преработка на тутун, како и мерката за грантови за жени земјоделки од рурални средини. Во текот на утрешниот ден ќе биде објавен и повик за кофинансирање на подигнати лозови и овошни насади во период есен 2021 и пролет 2022 година. Деновиве актуелен е и интервентниот фонд кој веќе е ставен во функција и на располагање на земјоделците. Во моментот тече аплицирањето за субвенционирање на набавка на вештачки ѓубрива за пченица, пченка, јачмен и сончоглед. Во периодот пред нас преку истиот фонд ќе биде исплатена и финансиска подршка за заклани јагниња. Со ова освен редовните програми за дирекни плаќања и рурален развој, ИПАРД  ставени се на располагање и дополнителни 400 милиони денари за земјоделците преку Интервентниот фонд. Усвоена е и ИПАРД 3 програмата чија предност е тоа што е проектирана на околу 130 милиони евра , буџет кој е поголем за 60% од изминатиот програмски период ИПАРД 2. Нашиот влог во подобрување на имиџот на програмата , транспарентноста и отворениот пристап во работењето го даде својот резултат. Ситуацијата во која се наоѓаме сама по себе бара многу ангажман , консултации и соработка на ниво на институции, невладин сектор, производители.

Гоце Георгиевски , раководител на сектор за рурален развој во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство

Периодов од почетокот на годината па наваму започнавме со поголем број на реформи и отворивме неколку законски рамки на кои што активно работиме во моментов. Најголем акцент во 2022 година се советодавните услуги во земјоделството за кои што во моментов сме во фаза на обработка и носење на нов закон за советодавни услуги во земјоделството . Целта на законот е да воспостави систем во кој што ќе може да се вреднува и експертизата на лица кои што ќе се регистрираат како советодавци и подобрување на услугите на Агенцијата за потикнување на развој на земјоделството. Во интервентниот фонд во моментов сме со буџет од 400 милиони денари и веќе аплицираат дел од земјоделците кои што се однесуваат за мерки во полјоделскиот сектор со цел зголемување на домашното производство на храна , потоа следуваат сточарите , а како што веќе работиме на проширување на тој интервентен фонд во зависност од тоа како има потреба , бидејќи кризата со која што се соочуваме не е за занемарување, не е мала и бара малку повеќе внимание и поголем ангажман за да можеме да го одржиме  стабилно земјоделството  и целокупниот земјоделски сектор. Националната федерација на фармери како соци-економски партнер е вклучена во потсекторските групи и други кординативни групи во МЗШВ и дава свои размислување и соработка. Потребна е оваа соработката и подршката која што ја давате бидејќи многу значи  кога ја имаме таа соработка со граѓанскиот сектор, конкретно со Националната федерација на фармери.

Васко Хаџиевски од Шведската фондација за развој We Effect

Националната федерација на фармери секогаш аплицира со издржани предлог проекти кои се однесуваат најчесто на институционален развој, но во последната година и со проект за развој на пазарните врски. Ова не се големи средства , но во континуитет траат повеќе години. Јас сум сведок на создавањето и запознувањето со работа на Федерација на фармери уште од 2002 година и можам со задоволство да кажам дека тој континуитет и одржливост е постигнат заради членовите на тимот на НФФ и вашето раководство. Во тек на повеќе години се создаде едно чувство на припадност , припадност на организација која е тука заради членовите , организација која е тука за сите, се бори за правата на земјоделците, ги промовира домашните производи, помага за поврзување, работи активно и со другите фактори во земјоделството. Таа припадност особено е важна во услови на кризи . Во 2021 година преку новиот проект  со We Effect освен институционалната подршка на НФФ имаме шанса да делуваме дирекно на развој на пазарните врски и конкурентноста , особено на помалите земјоделци преку интервенции во делови од вредносните ланци таму каде што можеме најмногу да постигнеме. Пробната фаза само што заврши , заврши успешно и се надевам продолжуваме понатаму успешно.

Фросина Ѓоргиевска, национална кординаторка на Мрежата на жени фармери во НФФ

Родовата рамноправност , правата на жените земјоделки, жените од руралните средини се дел од активностите кои НФФ постојано ги има во својата работа. Токму со родовата еднаквост во 2017 година на чело на НФФ поставивме жена и уште 3 жени во Управниот одбор . Во 2018 година на денот на руралната жена 15 октомври НФФ заедно со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство потпишавме Декларација за подобрување на социо-економската положба на жените од руралните средини. Веднаш после потпишувањето на оваа спогодба НФФ започна активно да работи на промена на дискриминаторните услови на мерката 115 , која е мерка за поддршка на активен женски член во земјоделско стопанство и потоа активно работеше на дефинирање на новите критериуми. Првиот повик се објави во 2019 година и до денес сеуште ниедна апликација не е  реализирана и завршена , затоа што досега ниедна апликација не е исплатена. Апелираме да се забрза контролата на терен пред исплата и веќе да ги реализираме овие апликации , затоа што деновиве е објавен втор повик за мерката 115. Во своите активности НФФ заедно со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопансто , Министерството за здравство , Агенцијата за финансиска подршка за земјоделството и руралниот развој  , УЈП, ПИОМ работат на изнаоѓање на начин за законско решение за остварување на право на боледување и породилно отсуство на сите регистрирани земјоделци.