Потребна е поголема достапност на образовни, јавни и социјални услуги во руралните средини, како и креирање и промовирање мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството, и наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија. Оваа е пораката која што Националната федерација на фармери и Мрежата за рурален развој на РСМ ја упатуваме на Меѓународниот ден на руралната жена – 15 октомври.
Она што сакаме уште еднаш да потенцираме е дека жените од руралните средини се соочуват со голем број на предизвици, а тоа се социјална исклученост, невработеноста, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита и сл. јавни и социјални услуги. Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Околу 64% од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47% од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми. Во однос на наследувањето имот, доминантната традиција во руралните средини им дозволува само на мажите да се појават како наследници. Само 5% од жените ретко се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште, и тоа најчесто откако ќе станат вдовици. Најголем дел од нив не ги перципираат овие практики и традиции како дискриминирачки. Напротив, ги прифаќаат како нормални и ги почитуваат без приговор.
Потребно е активно залагање од страна на сите чинители за воведување соодветни мерки за ублажување на товарот за грижа и за подобро негово прераспределување меѓу жените и мажите, за достапност до услуги на жените во руралните средини и за поддршка на продуктивната и неплатена домашна работа. Жените имаат клучна улога во обезбедувањето одржливост на руралните домаќинства и заедници, како и подобрувањето на целокупната благосостојба.
Во оваа насока уште еднаш скаме да ги истакнеме заложбите од Декларацијата за подобрување на економската и социјална положба на жените од руралните средини која е потпишата од наша страна на Националната федерација на фармери, Мрежата за рурален развој на РСМ,и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за труд и социјална политика во 2018 година на 15 октомври:
- Подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминација, земјоделство, рурален и социјален развој;
- Креирање и промовирање мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини; креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството, и наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија;
- Подобрување на достапноста на јавните услуги во согласност со остварување на Целите за одржлив развој и Агендата 2030;
- Поттикнување поголемо учество на жените од руралните средини во процесот на одлучување и креирање политики на локално и националнo ниво;
- Взаемна соработка за активно промовирање позитивни примери за родова еднаквост (посебно во делот на рушење на традиционалните норми и стереотипи; еднаков пристап на жените и мажите за сопственост на земјоделско земјиште и имот), како и воспоставување на механизми за едукација и информираност на жените од руралните средини за зајакнување на нивниот економски и социјален развој.
Во насока на обединување и подигање на свеста на руралните жени за нивната важна улога во локалните заедници и општеството, Националната федерација на фармери заедно со Мрежата за рурален развој на РСМ 14 години го одбележуваат Меѓународниот ден на руралната жена и се подржани од Шведската организација за развој We Effect. Имено 15ти октомври е прогласен за Меѓународен ден на жената од руралната средина од страна на Обеднитетите нации во 2008 година.
Stay In Touch