Ниската откупна цена на грозјето навистина е голем проблем за лозарите оваа година. Од една страна откупот се одвиваше во отежнати услови, многу ниска откупна цена 4-9 ден по кг со образложение на винариите дека извозот е намален за оваа година, а од друга страна цената на репроматеријалите се зголемува и постои и недостаток на сезонска работна сила. Во секторот земјоделство исто така најмногу негативни последици почуствуваа жените каде што дупло им се зголеми нивната работа и на поле и грижата во семејството, посебно грижата на децата и образованието, а валоризацијата на нивниот труд е сеуште многу мал. Во оваа насока Националната федерација на фармери покрена иницијатива за формализирање на фокус групата на жени во Тимјаник, со тоа што е формирано ново здружение „Шира“, кои започнуваат производство на маџун и други преработки од грозје. „Позитивната страна од оваа ситуација е зголемената свесност на потрошувачите за користење на природните, здрави и традиционални производи , меѓу кои е и маџунот, по кое ќе е препознатливо ова наше здружение. Она што е значајно што жените преку НФФ добија и соодветна едукација преку студиски кружок за производство на маџун и се разви наш рецепт за производство на квалитетен маџун. Мило ми е посебно што во нашето село Тимјаник е формирано оваа здружение и започнуваме пообединето да работиме во насока на економско јакење на жените од руралните средини“, вели Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери , која од страна на жените од Тимјаник е избрана и за претседателка на „Шира“. Членките на „Шира“ истакнаа дека таа е нивна лидерка и добро ќе го води и ова здружение. Во насока на поддршка на земјоделките од локалното здружение „Шира“ од Тимјаник (членка на Националната федерација на фармери) преку проектот „Обезбеденост со храна и економско зајакнување на најранливите заедници во Северна Македонија“, поддржан од Шведската амбасада/ Сида и We Effect, Националната федерација на фармери им додели казан за варење на маџун со капацитет од 150 литри, рефрактометар и пумпа за префрлување на гроздовиот сок-шира во казанот за варење. „Ваквите поддршки се значајни за земјоделците, посебно за земјоделките кои се соочуваат со голем број на предизвици, а на ваков начин преку заедничка работа се овозможува нивно економско обединување“, вели Мојсовска.Посетата е реализирана од страна на Фросина Ѓоргиевска, член на УО на НФФ и Билјана Петровска – Митревска, проект менаџер во НФФ.