Економските форми на здружување се основа за справување со проблемите и предизвицте во делот на продажбата и пласманот. Земјоделската задруга Агро Богданци, членка во Националната федерација на фармери се справувала со заеднички сили на своите членови во продажба на своите производи, посебно на самиот почеток на кризата кога настанаа затворање на зелените пазари. Тие успеале да извезат грозјето во Бугарија, кога кај нас цената беше многу ниска 4-9 ден по кг. „Ние успеавме да направиме извоз на грозјето во Бугарија за цена од 12 ден по кг и сеуште не ни е јасно зошто кај нас толку ниско падна цената и зошто се направија игри од страна на винарските визби“, истакнува Иван Вангелов, претседател на задругата „Агробогданци“. Корона пандемијата доведе до нарушување на пазарните синџири, поскапување на репроматеријалите и ја наметна самата потреба од реорганизација во земјоделството. Задругата има сопствени површини кои моментално не се обработуваат и истите планираат да ги засадат со ароматични и лековити билки за производство на етерични масла. Поради состојбите со ниските откупни цени на земјоделските производи,посебно градинарските култури и грозјето, дел од членовите на задругата почнуваат земјоделските парцели да ги конвертираат во органско производство и е потребно ротација на културите. Најпогодни култури во плодоредот се ароматичните и лековити растенија. Во насока на поддршка на земјоделците од кооператива „Агро Богданци“ од Богданци (членка на Националната федерација на фармери) преку проектот „Обезбеденост со храна и економско зајакнување на најранливите заедници во Северна Македонија“, поддржан од Шведската амбасада/ Сида и We Effect, Националната федерација на фармери им додели дестилатор за производство на етерични масла. „Ваквите поддршки се значајни за нас земјоделците посебно што сега сакаме да насадиме дел од нашите посеви со ароматични билки, како што е лавандата и в година во пролетниот период започнуваме со производство и преработка“, потенцира Вангелов. Посетата е реализирана од страна на Фросина Ѓоргиевска, член на УО на НФФ и Билјана Петровска – Митревска, проект менаџер во НФФ.