Како одговор на последиците кои произлегуваат од пандемијата на корона вирусот, шведската организација за развој We Effect заедно со своите партнери од Северна Македонија, Мрежата за рурален развој на С. Македонија, Националната федерација на фармери и Националниот ромски центар, презема активности за поддршка на луѓето кои се најтешко погодени. Преку проект кој ќе биде спроведен на територијата на целата држава, се нудат решенија за намалување на влијанието на кризата во однос на обезбедноста со храна и зајакнување на капацитетите на најранливите заедници во земјата. Проектот, кој е финансиран и развиен во тесна соработка со Шведската амбасада во Северна Македонија, не само што предвидува итна интервениција, туку ќе придонесе кон самоодржливост и резистентност на овие заедници на слични шокови во иднина.
„Пандемијата Ковид-19 има огромно влијание врз повеќето луѓе во светот, а особено врз веќе ранливите групи на луѓе кои имаат ограничени можности да создадат пристоен живот за себе и за своите семејства. Сѐ уште е рано да се проценат севкупните последици од пандемијата, но ќе биде потребно преземање на многу мерки за да се намалат нејзините ефекти. Шведска долги години соработува со We Effect во Северна Македонија и сметаме дека оваа иницијатива е важен одговор за ублажување на последиците од пандемијата, поврзани со обезбедноста со храна и економското зајакнување на најранливите категории на луѓе во Северна Македонија, особено оние кои живеат во руралните средини. Во доменот на развојот, Шведска останува посветен партнер на луѓето од Северна Македонија,“ изјави Кристин Форсгрен Бенгтсон, амбасадорка на Кралството Шведска во Република Северна Македонија.
Руралните области во Северна Македонија се дом на 40 проценти од вкупното население во земјава и две третини од сиромашните. Со кризата настаната како резултат на пандемијата, многу семејства од руралните средини се соочуваат со егзистенцијални проблеми, малите бизниси имаат потешкотии во работењето, а луѓето кои веќе егзистиираат на маргините, сѐ повеќе осиромашуваат. Најголемите проблеми на земјоделците се нарушените синџири на снабдување и отсуството на сезонски работници.
Ситуацијата е особено тешка ако се погледне низ призмата на секојдневието на сиромашната ромска популација која во најголем дел егзистира од сивата економија, продавајќи облека или собирајќи стара хартија и пластика – извори на приход кои во моментов се доста органичени.
„Како што последиците од пандемијата стануваа сѐ поочигледни, видливо влијаејќи на егзистенцијата на најранливите заедници во Северна Македонија, сфативме дека е од пресудно значење да превземеме конкретни активности. Се надевам дека овој проект ќе донесе позитивни промени и ќе обезбеди сигурна иднина за земјоделците, особено за жените и младите од руралните средини, како и за маргинализираната ромска заедница,“ изјави Анели Леина, регионална директорка на Шведската организација за развој We Effect.
Според анализата на НФФ за земјоделството и корона кризата, поддржана од We Effect, овој сектор ќе се соочи со зголемена неизвесност, зголемена невработеност, ограничена достапност на сезонска работна сила, нарушување на синџирите на обезбедување и пристап до храна и отсуство на директни мерки за поддршка на малите земјоделци и земјоделки за справување со сиромаштијата. „Овие проблеми ние земјоделците ги чувствуваме и не сме моќни самите да се справиме со нив. Преку овој проект очекуваме дека ќе се направат интервенции за минимизирање на нарушувањата на синџирите за обезбедување на храна во согласност со потребите и предизвиците на земјоделците, посебно на жените и младите и балансирање на понудата и побарувачката во земјоделството,“ потенцира Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.
Мрежата за рурален развој на Северна Македонија како гласник и активен застапник на потребите на руралното население во земјава, веќе ги идентификуваше проблемите и предизвиците во руралните средини, настанати како последица на пандемијата. „Особено се радувам што овој проект ќе ни овозможи, не само директно да се справиме со тие предизвици, туку и да понудиме иновативно и долгорочно решение за економско зајакнување на руралните средини и обезбеденост со храна за ранливото и маргинализирано население,“ истакна Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија.
Катерина Шојиќ, менаџерка на проектот од Националниот ромски центар (НРЦ) истакна дека во периодот на пандемија на Ковид-19, НРЦ доследно ја исполнува својата мисија да им служи на Ромите како носители на права и да одговори на настанатите предизвици. „Се надеваме дека постоечкото високо ниво на исклученост од вработеност на Ромите ќе биде решено и ќе се постигне напредок во вклучувањето и оспособувањето на младите Роми и Ромки за генерирање на приходи. НРЦ се залага за видливост на ефектите од проектните активности во областите на економско јакнење на жените и младите Роми, развој на социјални претпријатија водени од Ромки, заштита на права од работен однос, заштита од родово базирано насилство кај ромските жени и девојчиња, создавајќи цврста основа за закрепнување на тековната состојба со која се соочуваат Ромите,“ вели Шојиќ.
Проектот „Обезбеденост со храна и економско зајакнување во Северна Македонија“ има за цел да го зајакне капацитетот на руралните и маргинализираните заедници во земјава со тоа што ќе обезбеди брз и ефикасен одговор на нанесените економски штети од пандемијата и ќе им го отвори патот кон прилагодлив, инклузивен и одржлив развој.
Во таа насока, проектот работи на промовирање на самоодржливи системи за обезбедување со храна, кои ќе бидат родово сензитивни и еднакво достапни за сите. Преку повторно воспоставување и воведување на алтернативни пазарни врски за земјоделците, создавање центри за храна и обезбедување на економски перспективи за ранливото население кое ги вклучува жените, младите и ромската заедница, се нудат решенија кои ќе го подобрат живеењето и ќе ги заштитат ранливите категории на луѓе сега и во иднина.
Проектот, со вкупен буџет од 1.500.000 шведски круни, ќе трае до крајот на 2020.
Stay In Touch