
Националната федерација на фармери (НФФ) е посочена како „пример за добра практика“ на граѓанска организација по неколку основи во Извештајот за транспаретнонста и отчетноста на граѓанските организации што го спроведе Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Истражувањето во кое се опфатени 2772 организации во земјава е спроведено во форма на анкета испратена до организациите во периодот од 19 септември до 20 октомври 2019 година.
НФФ е прв пример за добра практика во делот на „внатрешна демократија и вклученост на членството“.

„НФФ во 2017 год. со поддршка на Шведската организација за развој We Effect, ги унапредиле управувачките процедури, отчетноста и транспарентноста, со цел поголема вклученост на членството во носењето одлуки. Членовите на НФФ активно учествуваат во процесот на носење одлуки на Годишното собрание и се претставени во Управниот одбор на НФФ, кој се состанува четири пати годишно. Сите ставови кои ги застапува НФФ пред државните институции се градат во организацијата со учество на членовите од „поле до институција. За таа цел НФФ има развиено потсекторски систем со 6 потсекторски групи, кои се тематски поделени и каде што членовите се вклучени во градењето организациски ставови за различни прашања и политики.

Преку повремени анкети со членовите, врз основа на репрезентативен примерок, извршната канцеларија утврдила дека по направените организациски реформи од 2017 до денес, членовите изразуваат поголемо задоволство од способноста на НФФ да ги застапува нивните интереси.

Исто така, НФФ сметаат дека јакнењето на внатрешната демократија придонело кон зголемено влијание при застапување на политики и соработка со релевантните државни институции“, се вели во Извештајот.

Истовремено НФФ е издвоена како пример за добра практика во делот на „политиките за родова репрезентативност“. „Со поддршка на We Effect, тие ја редефинирале организацијата, особено во делот на родовите прашања и вклучувањето на малите и сиромашни земјоделци. Со нивна помош тие се насочиле кон зголемено вклучување на жените- земјоделки од руралните средини. Па така, за првпат во Северна Македонија била избрана жена-претседателка на НФФ. Тие, исто така, го зголемиле учеството на жените во Управниот одбор и во потсекторските групи. Конкретно, пред 5 год. НФФ имале само 5 жени-членки, додека во 2019 тие имаат 144 членки. НФФ има локални координаторки прекукои се регрутираат земјоделки во организацијата.“, се вели во Извештајот на МЦМС. НФФ смета дека зголемената репрезентативност на жените во управувачките органи и нивните активности довеле до зголемено чувство меѓу руралните жени дека имаат глас и дека се вредни во нивната средина.

„ Многу е важно во рамките на граѓанските организации да се почитуваат принципите на демократија и транспарентност и потребно е се поголемо вклучување на членовите во рамките на одлучувачките процеси во самата организација. На ваков начин им се дава можност да го почуствуваат демократското дејствување преку кое се создава чувство на заедничко дејствување и се охрабруваат самите граѓани преку своите здруженија да го подигнат својот глас и да се борат заеднички за своите права и интереси. Тука се постигнува успех. Тоа го постигнаа жените преку Мрежата на жени фармери со измена на дискриминаторна мерка која сега прерасна во ефективна мерка за нивно јакнење“, потенцира Билјана Петровкса – Митревска , проект менаџер на проектот „Институционална поддршка на НФФ“ поддржан од We Effect на самаат средба.
На следниот линк може да го погледнете целиот извештај https://www.otcetnigo.mk/wp-content/uploads/2020/06/Izvestaj-za-upravuvachkite-parktiki-za-transparentnosta-i-otchetnosta-na-GO.pdf
Stay In Touch