Во ек е бербата на зелка во Удово. Сликите од пролетна и зимска зелка се направени од Слободан Павлов, член на НФФ кој истакна дека најмногу го загрижува откупот. За сезонски работници успеал да се снајде и во моментот кај него работат луѓе од Радовиш. Проблемот со откупот е најголема грижа во моментот и на сите раноградинари. Тие истакнуваат дека најголем проблем за извозот е тоа што шоферите на камионите кои патуваат во странство се во карантин 14 дена. И тие потенцираат дека најважно за државата е да ги почитуваме мерките за справување со корона вирусот.
Од страна на МЗШВ на нивната веб страна (www.mzsv.org.mk) поставен е банер за полесен пристап на земјоделците до новатa апликација на страната на Земјоделскиот пазарен информативен систем (ЗПИС).
Оваа апликација е под наслов „Понуда-Побарувачка“ и преку неа на земјоделците им се овозможува во овие услови на вонредна состојба кога голем дел од пазарите (кванташки, зелени пазари, добиточни пазари) не се во функција, сепак да можат да тргуваат со своите производи.
Од страна на Националната федерација на фармери се дадедени следните препораки до МЗШВ за решавање на овој проблем каде што големо влијание има новонастанатата состојба во државата предизвикана од Корона вирусот:
– Да се воспостави комуникација со маркетите во Република Северна Македонија и да се поттикнат да вршат зголемен откуп на наши ранодградинарски производи за продажба.
– Да се изнајде начин за непречено одвивање на извозот на градинарските култури, каде што проблем се прави со тоа што шоферите на камионите кои вршат извоз се во карантин 14 дена.
– Да се следи состојбата со залихите за репроматеријали потребни за ѓубрење и заштита и семенскиот материјал.