Националната федерација на фармери  им го честита празникот Свети Трифун на сите лозари, кои официјално овој период ги започнуваат земјоделските работи во лозовите насади со закројување на лозјето. Според официјалните  статистичките податоци во Македонија 48.000 индивидуални земјоделски стопанства егзистираат од производство на грозје, 23.613 хектари од обработливата површина се лозови насади, каде што најголем процент се наоѓаат во кавадаречкиот и неготинскиот регион.

“Пред изгрејсонце и по месечина појди си на лозје, со голема љубов и волја работи, бори се со климатските промени, произведи си вкусно грозје и на есен наполни се со нервози, кога треба да го продаваш. Но љубовта за лозјето е преголема“ потенцира Васка Мојсовска, претседателка на НФФ, која е земјоделка и се занимава со производство на грозје и садници.

Производната цена за винското сорта „вранец“ е 17 ден по кг , а за винската сорта  „смедеревка“ изнесува 16 ден по килограм, додека откупните цени за овие сорти изнесуваат од 10 до 12 ден по кг.  На ваков начин со непроменетите и ниски откупни цени во текот на изминатата деценија,  земјоделците работат во загуба и дополнително од некои откупувачи не им се исплаќа навремено за предадениот род.

 НФФ преку разговор со своите членови лозаропроизводители и секторски пристап кон решавање на земјоделските проблеми ги дефинираше следните барања кои се презентира неколку пати во изминатите години и пред винариите и пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство:

  1.  Цената за „вранец“ да биде 17 ден по кг, а ценатна за смедеревка 16 ден по кг.
  2.  Функционирање на договорно производство согласно Законот за земјоделство и рурален развој и гаранција на наплата (банкарска гаранција од откупувачите), како и исплата на откупено грозје најдоцна до 31.12.2019 за откупот од тековната година.
  3.  Бришење на член 17, став 5 од Законот за вино кој укажува на можноста од намалување од утврдената цена најмногу до 8% доколку плаќањето на винското грозје е во целост во рок од 7 дена од денот на приемот, како и во делот на прекршочните одредби, односно на намлаување на глобите со што се потенцира можноста од намерна злоупотреба на работата на одговорните лица.

Нашите реакции ќе продолжат и понатаму при секој обид да се намали трудот на лозарите и да се доведуваат лозарите во ситуација која ги води на работ на егзистенцијата и уништување на долгогодишниот труд.

НФФ ги подржа измените на Законот за вино со кои се овозможува работа на малите винарии и се овозможуваат низа поволности со коj што се олеснуваат условите за производство на вино на малите винарии и на физичките лица производители на вино што е тековен тренд во светски рамки, особено во сегментот на продажба на вино од фарма во насока на диверзификација на понудата на пазарот и развој на винскиот и руралниот туризам. Измените на Законот за вино се усовеини во есенскиот период од страна на Собранието на РСМ.