Пред земјоделците и државните институции денес канцеларијата на Постојаната координаторка на ООН и Националната Федерација на фармери (НФФ) презентираа денес Декларацијата на ООН на селаните и другите лица кои работат во руралните средини во Домот на Обединетите нации. Декларацијата е нов инструмент на Обединети нации за човекови права кој има за цел подобра заштита на правата на населението во руралните области, подобрени услови за живот, јакнење на суверенитетот врз храната, борба против климатските промени и запазување на биодиверзитетот.
Настанот е организиран на 17 Декември точно една година откога Генералното Собрание на ООН ја усвои Декларацијата по седумнаесет годишна борба на невладините организации за нејзино донесување.
На презентацијата се обрати Лилиан Кандикјан, претставничка од канцеларијата на постојаната координаторка на ООН во нашата држава, Васка Мојсовска, претседателка на Националната Федерација на фармери. Декларацијата ја презентира Силва Пешиќ, советник за човекови права од Канцеларијата на постојаната координаторка на Обединетите нации,а настанот беше модериран од Билјана Петровска – Митревска, одделение за развој и лобирање на НФФ. На настанот присуствуваа претставници од МЗШВ, МТСП, АФПЗРР, АПРЗ, Канцеларијата на народниот правобранител, We Effect Факултетот за земјоделски науки и храна, Филозофски факултет, UN Women, Мрежата за рурален развој на РСМ, Стопанска комора на РСМ.
За нас Националната федерација на фармери оваа Декларација е уште еден инструмент во борбата за обезбедување на достоинствен живот во селата и воедно ги охрабруваме и другите невладини организации да учествуваат во нејзина промоција и заложба на нејзина реализација и воедно се надеваме на соработка од државните институции во нејзина имплементација.
Заеднички сите можеме да си обезбедиме подобар живот и почитување на нашите права , бидејќи човеково право не е нешто што некој ти го дава, тоа е нешто што никој не може да ти го одземе.