Проектот „From Disability to FoodAbility”, кој се реализира во временски период од јули 2019 до јуни 2021 година, има за цел да придонесе кон подобрување на состојбата на лицата со попреченост – деца и возрасни со интелектуална и физичка попреченост и нивните семејства кои живеат во руралните области. Предвидените проектни активности ќе придонесат за социјално и економско зајакнување на лицата со попреченост и нивните семејства во руралните области преку инфраструктурни интервенции и прилагодувања во начинот на производство на храна како што се пластениците и градините за производство на зеленчук. Оваа инфoрмација беше потенцирана на денешната прес – конференција на која беше презентиран проектот „From Disability to FoodAbility” и проблемите и предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост во руралните средини.  Националната федерација на фармери е имплементатор на  проектот “From Disability to FoodAbility” со поддршка на Шведската организација за развој We Effect и Radiohjаlpen. Како надворешна експертиза на полето на лица со попреченост во овој проект е вклучен Филозофскиот факултет во Скопје. 

На прес – конференцијата, која се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје  се обрати Анели Леина, регионална директорка на Шведската организација за развој We Effect која истакна: We Effect смета дека е особено важно да се обезбеди целосно и рамноправно учество на лицата со посебни потреби во сите сфери на општеството. Потенцијалот на лицата со посебни потреби, како категорија која придонесува кон општеството, мора да биде препознаен. Токму затоа, со проектот “From Disability to FoodAbility” се обидуваме да создадеме услови за лицата со посебни потреби и нивните семејства кои живеат во руралните области, не само да бидат во состојба да ја подобрат својата егзистенција, туку и да го поттикнеме нивното социјално и економско зајакнување. Посебно внимание им посветуваме на жените со посебни потреби кои многу често се соочуваат со двојна дискриминација, од една страна заради својот пол а од друга страна заради попреченоста, и кај нив веројатноста да живеат во сиромаштија и изолација е многу поголема.

Билјана Петровска Митревска, проект менаџер во Националната федерација на фармери потенцира: Лицата со попреченост се маргинализирани и невидливи во руралните средини. Исклученоста од информации, ограничен пристап до социјални, образовни и здравствени институции, несигурната егзистенција на нивните семејства кои најчесто се занимаваат со земјоделство ги туркаат во сиромаштија и влегуваат во категоријата на  хронично сиромашни домаќинства. Националната федерација на фармери смета дека токму со овој проект ќе се поттикне  и помогне семејствата да ги развијат своите знаења и вештини  во однос на своите основни права, нивно вклучување во процесите на донесување одлуки, зајакнување на мерките за поддршка на локално ниво и подобрување на политиките на национално ниво. Во рамкте на проектот ќе бидат мапирани 30 семејствa во чии семејни дворови ќе бидат изградени градини или пластеници за производство на земјоделски производи.

Проектот примарно ќе опфати семејства на лица со попреченост кои живеат во руралните средини, кои се дел од членството на НФФ како и лица со попреченост кои ќе бидат идентификувани од страна на експертите од Филозофскиот факултет во Скопје, во неколку општини во Република Северна Македонија: Свети Николе, Велес, Ресен, Гостивар, Кочани, Неготино, Струмица, Тетово, Mакедонски Брод и Скопје.

Проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет истакна: Заедничкиот проект на тимот на We Effect (Шведска) заедно со Националната федерација на фармери и Филозофскиот факултет означува почеток на промената на таа состојба. Најголемиот број истражувања укажуваат дека лицата со попреченост кои живеат во рурална средина се соочуваат со позитивни предизвици што влијаат врз нивната продуктивност, ментално и физичко здравје и квалитетот на животот. Проектот дава можност да се направат релевантни истражувања на академската заедница на поголем примерок лица, а резултатите и нивната имплементација во руралните средини да означува нов почеток за овие лица и нивните семејства. 

Проф. д-р Наташа Станојковска – Трајковска, раководител на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет посочи дека  попреченоста не смееме да ја гледаме како неможност. Многу земјоделци со попреченост даваат значаен придонес во секојдневното живеење на семејството и заедницата.

„Од примерокот опфатен со овој проект 51% живеат под прагот на сиромаштија. Жените особено се подложни на дискриминација, па застапеност на 40% жени со попреченост во примерокот укажува на потребата од максимално искористување на нивниот потенцијал за градинарско производство, но и преработка на производите. Највисок процент е на лицата со телесна инвалидност, со 39%, а тоа значи со адаптација на просторот и нивно лично зајакнување со фини вештини, може да добиеме продуктивни работници кои можат да придонесуваат за квалитетот на живот на нивните семејства. Покрај зајакнување на капацитетот на секој поединец, со ваквите проекти, индиректно го зајакнуваме семејството, го поттикнуваме руралниот развој, ја намалуваме тенденцијата за миграција и го стимулираме руралниот туризам“, истакна  Станојковска – Трајковска.

Целната група на проектот ја сочинуваат најмалку 60 лица со попреченост како и нивните семејства, односно  ќе се изврши директно влијание на околу 250 лица. Покрај тоа, 150 луѓе кои живеат во рурални области ќе бидат обучени за застапување, односно разбирање и лобирање за правата и потребите на лицата со попреченост. Дополнително, преку комуникациските канали на НФФ ќе бидат информирани повеќе од 10.000 лица.