Жените кои не се стекнале со правото на пензија немаат основни средства за храна , лекови,  струја …

Кога говориме за сиромаштија ред е да проговориме и за руралната сиромаштија, која е сеуште непрепознаена од срана на институциите и цело наше општество. Да се биде сиромашен на село е многу тешко. Без разлика на тоа колкави се приносите од земјоделството, ако се земе во предвид ниските откупни цени на земјоделските производите, лошата инфраструктура, ограничениот пристап до здравствени, образовни и културни институции, како и навремени информации значи дека животот во село е oставен на маргините од опстанокот, т.е. едвај се преживува. Сето ова е мотив повеќе државните институции пред се Министерството за земјоделство, Министерството за труд и социјала да го стават прстот на чело и да работат во насока за развој и достоинствен живот на луѓето што се на работ на егзистенција во селата

Тука би проговорила за жената.

Состојбата во која  се наоѓа руралната жена е катастрофална. Кај нас традицијата налага мажот да биде глава на семејството, па тој да го поседува и имотот и со тоа по автоматизам да може да ја зама бедната земјоделска пензија од само 6000 ден. Жената не поседува имот , нема со што да плаќа придонеси и нејзе не и следува ништо, иако цел живот е вреден работник- земјоделец и ги извршува сите обврски дома, одгледување на децата ,родителите , стоката и се` што е потребно да функционира едно семејство и тоа од перење, месење, готвење и т.н.

Тука не е застапена родовата раноправност. Има примери кад што жените кои не се стекнале со правото на пензија немаат основни средства за храна , лекови,  струја …

За мене лично, ова беше  поприлично долга , но преодна фаза и имаше моменти кога со двајца студенти во Скопје, ние како семејство на село го допревме дното на бедата. Тука би ја навела и мојата борба со ракот, оперирана сум  2000 год. од рак на дојка. Па потоа почнаа да се нижат дијагнозисе` како причина на сиромаштија , нервози и стресни ситуации. И како по некое непишано правило  болеста и сиромаштијата одат заедно. Многу пати лековите за хемотерапија ги немаше во Фондот, па мораше да се купуваат приватно , а беа поприлично скапи. Мораше болна со една рака да шијам , за да истраам во борбата со канцерот и да го исполнам ветувањето, кое го дадов на моите деца , кои тогаш беа студентите, дека сето ова ќе помине и еднаш цврсто ќе застанеме на нозе.

Транзицијата, мошне неповолно се одрази во моето семејство. Мажот ми примаше технолошки вишок од 2800ден и поради сите тие проблеми произлезени од сиромаштијата почина на само 56 год. Јас продолжив да се борам за моите деца. Петнаесет години куќа гледав од пазар. Продавав се` што можеше да се произведе. Ако ги подмирам сите сметки и пазарења за дома, не остануваше речиси ништо. Но некако со работа и единство во семејството ја надминавме лошата ситуација и поведени од мотото дека работата го краси човека, моите деца и ден денес работат на поле, како дополнителна дејност.

Со цел да им помогнам на моите пријателки од село Горни Подлог во Кочани  во рамките на Националната федерација на фармери ја формиравме фокус група за производство и пласман на домашни јуфки, се` со цел да се валоризира трудот на жените на село и почнавме да продаваме, заработката е сеуште мала но мотивирачка за нас.

Голема благодарност на НФФ и Шведската фондација WE ефект, што широко ги отвори вратите и не организираше, како фокус група, која сме и дел од кооперативата Горни Подлог. Само на ваков начин со заедничка подршка, помош и здружени сили можеме да дејствуваме и да си го подобриме животот, да, ние земјоделците.

 

(Излагање на Ружа Стоимилова, – локален координатор на жените- фармери во кочанскиот регион во НФФ – на доделување на наградите за новинари кои пишуваат за сиромашните. За првапат овој настан е организиран кај нас од страна на Македонската платформа против сиромаштија).