На конференција ,,Кредитирање во земјоделството – состојби и перспективи” која беше организирана од страна на Федерацијата на фармери на Република Македонија (ФФРМ), Центарот за економски анализи (ЦЕА) и Центарот за иновации, а со поддршка на АгБиз програмата на УСАИД беа дадени следните препораки кои генерално се групирани во 3 групи: препораки за земјоделците, препораки за финансиските инситуции и препораки за државните институции.

 

Препораки за земјоделците:
• да пристапат во здруженија или федерации,
• да пристапат кон здружување во задруги согласно Законот за земјоделски задруги,
• да го евидентираат сопствениот имот во националниот катастар.

Препораки за финансиските институции:
• да дизајнираат кредитни производи со флексибилни услови согласно специфичностите на земјоделското производство,
•  да ја интензивираат мобилноста на службите за кредитрање,
• да овозможат револвинг кредити за земјоделците кои своите побарувања од откупувачите согласно Законот за земјоделсво и рурален развој ги добиваат на трансакциска сметка,
•  да одобруваат „условни кредити” за ИПАРД проекти.

Препораки за државните институции:
• да го зголемат фондот на средства за ЗКДФ кредитната линија согласно Националната програма за развој на земјоделството и рурален развој 2013-2017 г.,
•  да се отпочне со навремена промоција на последната (четврта) модификација на ИПАРД програмата.

На Конференцијата свои воведни излагања имаа претседателот на ФФРМ, г-н Андрија Секуловски, претседателот на ЦЕА, д-р Марјан Николов и советникот за анализа на економски прашања од кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, г-н Благоја Муканов.

На почетокот, краток осврт на развојот на земјоделството во Македонија во последните 10 години даде Габриела Димовска, дипломиран економист во ЦЕА при што посебно беше потенцирано дека активностите што ги презема Владата на Република Македонија, а кои се во согласност со теоретските препораки на перуанскиот економист Ернандо Де Сото, создаваат предуслови за забрзан економски развој на земјоделството. Сепак, беше констатирано дека сè уште постои простор за зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит во секторот од една страна и отстранување на пречките кои го опструираат производството, како на пример аверзија кон осигурувањето кај земјоделците, од друга страна.

Вториот модул опфаќаше презентација на теренските истражувања реализирани во директни средби со земјоделците и финансиските институции. Размислувањата на земјоделците за кредитирањето ги презентираше м-р Марија Ѓошева-Ковачевиќ, раководител на Сектор за политики и развој при ФФРМ. Истражувањето покажа дека земјоделците сè уште се недоволно информирани за достапноста до поволните кредитни линии за земјоделството кои се реализираат преку Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), но и до средствата од програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој кои се реализираат преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР). Тие сметаат дека финансиските институции треба да го подобрат третманот кон нив во насока на адаптирање на кредитните производи со специфичностите на производствениот процес во земјоделството, а АФПЗРР да работи во насока на поедноставување на процедурите и документацијата за апликација за националните програми.

Христијан Ристески, одговорен за истражување и администрација во ЦЕА се осврна на размислувањата на финансиските институции за кредитирањето во земјоделството. Презентацијата покажа дека финансиските институции се соочуваат со низа ризици кои го забавуваат кредитирањето во земјоделството при што како најголеми беа посочени нерешените имотно-правни односи, непочитување на облигационите односи како помеѓу земјоделците и банките, така и помеѓу земјоделците и откупувачите и ризиците од временски непогоди. Финансиските институции исто така побараа поедноставување на процедурите за ИПАРД програмата со цел нивно поактивно вклучување во нејзината реализација.

На последниот модул од страна на д-р Горан Ковачев од Секторот за кредитирање при МБПР беа презентирани заклучоците и препораките од Конференцијата, а беше искористена и можноста за кратка презентација на кредитната линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи со каматна стапка од 3% и ЗКДФ кредитната линија со каматна стапка од 4% до 6,5% кои се реализираат во МБПР. Заклучоците покажаа дека земјоделците и финансиските институции имаат многу повеќе точки околу кои се сложуваат поврзани со ризичноста на дејноста, потребата од здружување, поедноставување на процедурите во АФПЗРР, поефикасна советодавна служба, постоењето на ефтини кредити, отколку точки околу кои не се сложуваат. На Конференцијата присустуваа и голем број земјоделци, претставници на финансиските и државните институции и приватни советодавни служби кои со свои дискусии дадоа значителен придонес во дефинирање на заклучоците и препораките од истата.

Настанот беше поддржан и од Прокредит банка АД Скопје и Think Tank Fund од Будимпешта, Унгарија.