Националната федерација на фармери (НФФ) во Велес успешно реализираше четири работилници наменети за мали оператори со храна и мали земјоделци, со цел унапредување на знаењата и практиките за безбедно и квалитетно производство на храна. Активноста е дел од проектот за организациски развој на НФФ и зајакнување на пазарните врски на малите фармери, реализиран со поддршка од Шведска и We Effect.

Во фокусот на работилниците беа најважните меѓународни стандарди и современи практики во земјоделството: GLOBAL G.A.P., HACCP, HALAL и ISO 22000, како и принципите на добра земјоделска, хигиенска и производна практика.

Учесниците имаа можност да дискутираат и за законските прописи и инспекциските постапки, органското производство, традиционалните производи и можностите за нивна заштита и сертификација. Преку интерактивна групна работа, анализа на ризици и практични примери од реални ситуации на терен, земјоделците стекнаа знаења кои веднаш можат да ги применат во сопственото производство, со цел подобрување на безбедноста на храната и зголемување на квалитетот на производите.

На четирите работилници учествуваа вкупно 84 земјоделки и земјоделци од пилот-фазата за формирање на организации на производители – форма на здружување која овозможува повисок квалитет, стандардизација и посилен заеднички настап на пазарот.

Обуките ги реализираа експертите проф. д-р Владимир Какуринов и Владимир Христов, истакнати професионалци со долгогодишно искуство во областа на безбедност на храна, стандарди и земјоделско производство. Нивниот практичен пристап и квалитетот на предавањата значително придонесоа за успешна и корисна едукативна програма.