НФФ учествуваше на Регионалната конференција „Зајакнување на руралните жени на Западен Балкан: права, предизвици, економско зајакнување и напредок преку CEDAW и ЕУ извештаи“, која беше во организација на EkoKosWomen од Косово, како дел од активностите на Регионалната платформа за подобрување на економскиот и социјалниот статус на руралните жени од Западен Балкан.Конфернецијата е поддржана од Шведска и Шведската организација за развој We Effect.
На конференцијата, преку инспиративни приказни на руралните жени и нивни заеднички активности, се истакна гласот на руралните жени од Западен Балкан во насока на заедничка работа и посочување на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, како и конкретни иницијативи што ги покренале за надминување на нивните предизвици и започнување на бизниси кои овозможуваат нивно економско јакнење и развој.
Беше презентиран и Регионалниот извештај за жените во руралните средини– Увид преку CEDAW и други релевантни извештаи, кој претставува обединет извештај од шест национални извештаи подготвени за руралните жени од Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Косово. Во извештајот еден од генералните заклучоци е потребата за спроведување заеднички регионални активности за лобирање и застапување во насока на подобрување на социјалниот и економскиот статус на руралните жени. Извештајот во сенка за Македонија е подготвен од Националната федерација на фармери преку експертизата на Кире Василев.
Со поздравен говор се обрати Билјана Петровска-Митревска, проект-менаџерка на НФФ и регионална координаторка на Платформата за рурални жени од Западен Балкан. Таа истакна дека оваа платформа функционира како пчелно семејство 🐝, каде сите координаторки, членки и рурални жени од Западен Балкан заеднички учествуваат и спроведуваат активности во насока на решавање на предизвиците со кои се соочуваат жените од регионот.„Нашата мисија е „Обединети, гласни и моќни рурални жени од регионот кои придонесуваат за позитивни промени во руралните средини, претворајќи го невозможното во возможно“.“
Во панел дискусијата за руралните жени учествуваше и Васка Мојсовска, членка на Управниот одбор на НФФ, која ја истакна заложбата на организацијата за решавање на проблемот со породилното отсуство за регистрираните земјоделки. Таа укажа на заложбите и активностите на НФФ за носење на Програмата за социјална сигурност за регистрираните земјоделки, како и на стремежот ова привремено решение да се претвори во системско решение на државно ниво. На конференцијата учествуваа и Вангелина Пармачка, Лилана Стоилковска и Олга Јорданоска
Со поздравен говор се обрати и Сашо Ангеловски, We Effect Country Operations Manager, кој истакна:
„Руралните жени се ’рбетот на нашите заедници; тие произведуваат храна , управуваат со земјата, ги чуваат традициите и носат промени. Оваа платформа ги обединува гласовите преку граници и генерации, докажувајќи дека кога работиме заедно, невозможното станува можно.“
Магбуле Хисени, национална координаторка на платформата за Косово, посочи дека руралните жени во регионот се соочуваат со бројни тешкотии:„Руралните жени на Западен Балкан имаат заеднички предизвици – ограничен пристап до земјиште , финансиски ресурси , пазари и учество во одлучувањето . Преку оваа платформа создадовме уникатен простор за соработка , каде гласовите на жените од Косово, Албанија, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина стануваат посилни заедно.
На конференцијата со поздравен говор се обратија и премиерот на Косово, Албин Курти, како и државната секретарка во Министерството за земјоделство, Венера Черкини.
На настанот присуствуваа 100 рурални жени од Западен Балкан.