Во с. Митрашинци, Беровско, НФФ оствари средба со руралните жени од беровскиот регион, каде што се разговараше за активностите на НФФ за подобрување на економскиот и социјален статус на жените од руралните средини. Билјана Петровска Митревска, проект менаџерка на НФФ, ги презентира активностите на организацијата и програмите за поддршка на жените – Програмата за мајчинство за регистрирани земјоделки, Мерката за жените земјоделки од Програмата за рурален развој, како и значењето на учеството на саеми и поддршката за мали оператори за храна. Вангелина Пармачка, член на Управниот одбор на НФФ, истакна дека ваквите средби и информации што ги добиваат жените ги мотивираат да станат поактивни, а преку размена на искуства се поттикнува нивниот личен развој и желбата за работа. Посебен фокус беше ставен на алатката ProfilPASS – како поддршка за руралните жени во остварување на нивните визии и започнување на сопствени бизнис идеи. Жените споделија дека токму оваа алатка им помогнала да ги дефинираат своите идеи и да стекнат самодоверба. Советничките Лилана Стоилковска и Славјанка Пачарска нагласија дека ProfilPASS придонесува за поврзување, социјализација и продуктивни разговори кои водат до позитивни промени и приходи за жените. Експертот Кире Василев ги презентираше првичните наоди од CEDAW извештајот кој го подготвува НФФ, по што следуваше активна дискусија. Главниот заклучок – традиционалните норми и стереотипи сè уште се сериозна пречка за економско јакнење на жените. Потребна е поголема едукација, пристап до информации, развој на руралната инфраструктура и подобра достапност на социјални, здравствени и образовни услуги за руралните заедници. Активноста се реализира во рамки на проектот „Поддршка на малите земјоделци“, со поддршка од Шведска и We Effect.
Stay In Touch