На денешната конститутивна седница на новиот Управен одбор на Националната федерација на фармери (НФФ), и изборната седница на Генералното собрание на здружението, која се одржа на 25 април 2025 година на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, за нов претседател на НФФ беше избран Стеванче Јорданоски, долгогодишен член на организацијата и земјоделец од прилепското село Мажучиште. Јорданоски е земјоделец кој се занимава со производство на пченица, тутун, градинарски култури и одгледување на крави, а целото негово семејство егзистира од земјоделство.

„Цел живот работам земјоделство. Ние земјоделците се соочуваме со многу предизвици, како климатски промени, пласман и продаажба на земјоделските производи. Во мојот мандат, заедно со членови на Управниот одбор и Извршната канцеларија на организацијата , ќе се залагам за решавање на овие предизвици и создавање подобри пазарни можности за малите зземјоделци, поголемо вклучување на младите фармери во креирањето на земјоделски политики, како и поголеми поддршки за развој на земјоделските стопанства“, истакна Јорданоски по неговиот избор за претседател на Националната федерација на фармери.

На денешната седница на Генералното собрание на НФФ, нов претседавач на Собранието беше избран Иван Марковски, млад земјоделец и агроекономист кој активно работи на развојот на семејниот бизнис во живинарството. За помошни претседавачи беа избрани Каранфилка Тодоровска, пчеларка и огледувачка на смокви, и Милена Ангелова, производителка на пиперка „куртовска капија“ и традиционален ајвар.

За верификациона комисија се избрани Оливера Локоска, земјоделка од Ресен, Славјанка Пачарсказ земјоделка од беровското село Будинарци и Мемет Синани, земјоделец од тетовското село Камењане.

Во работниот дел на Собранието, делегатите ги усвоија Буџетот и програмата за работа на организацијата за 2025 година, како и Наративниот и финансискиот извештај за 2024 година. На Генералното собрание беше избран новиот Управен одбор на НФФ во состав: Стеванче Јорданоски – претседател, Иван Вангелов, Ванчо Кировски, Вангелина Пармачка, Васка Мојсовска, Мемет Синани, Зорица Димовска Елсаади, Пере Транталовски и Стеван Орозовиќ, директор по функција.

Имено, Свечениот дел од Собранието започна со едноминутно молчење во знак на почит за трагично загинатите лица во несреќата која се случи пред 40 дена во Кочани.

Во рамки на свечениот дел беа презентирани активностите и резултатите на НФФ за 2024 година, и беа доделени благодарници за долгогодишна успешна соработка на Васка Мојсовска, која ја заврши функцијата претседател на НФФ по истекот на нејзиниот мандат. Воедно беа доделени и благодарници за долгогодишна соработка на Факултетот за земјоделски науки и храна и Европското движење во РСМ.

Со поздравни обраќања во свечениот дел на Генералното собрание се обратија: Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, чиј мандат заврши на ова собрание, Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, и Сашо Ангеловски, регионален директор за Европа на Шведската организација за развој – We Effect.

Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, чиј мандат заврши на ова собрание, истакна дека  за неа функцијата претседател беше огромен предизвик, но, и огромна чест затоа што за прв пат на оваа раководна функција беше избрана жена земјоделка односно рурална жена. „Одговорноста беше голема да се застане на чело на УО и волонтерски, достоинствено без предрасуди да се лобира и да се застапуваат земјоделците пред институциите”, потенцира Мојсовска.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски при своеото обраќање истакна дека соработката помеѓу Министерството и Националната федерација на фармери е од исклучително значење.  „Националната федерација на фармери претставува глас на земјоделците, потврда за тоа е нивната вклученост при креирање на мерки од страна на Министерството. Нашата грижа како Министерство кон земјоделците ја покажавме и преку распишување на Јавните повици за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост. Распишавме и Јавен повик за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за 2025 година. Јавниот повик се однесува за Мерката 112 – „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“. Истиот е наменет за млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години, максималната финансиска поддршка по корисник за Мерка 112 изнесува 600.000 денари, односно 100% од направените трошоци“, посочи министерот Трипуновски.

Сашо Ангеловски, регионален директор за Европа на Шведската организација за развој – We Effect истакна дека соработката помеѓу We Effect и Националната федерација на фармери започна во 2014 година и од тогаш па натаму е изградено партнерство кое е пример за успешна соработка. „Иако се соочивме со предизвици низ годините, тие не направија посилни, поодлучни и насочени кон вистинскиот пат. We Effect ја смета НФФ за еден од најуспешните и најпочитувани партнери и за нас е исклучителна привилегија да работиме заедно “, истакна Ангеловски.

Стеван Орозовиќ, извршен директор на НФФ и Билјана Петровска Митревска, проект менаџер на НФФ ги презентираа најзначајните активности на здружението во 2024 година. Посебен акцент беше ставен на иницијативите на НФФ за економско здружување на земјоделците преку организации на производители, поддржани од Шведска и организацијата We Effect преку проектот „Организациски развој на НФФ и подобрување на пазарните врски за малите фармери и производители од руралните средини со цел зголемување на приходите“.

„Во изминатиот период активно работевме на зајакнување на гласот на фармерите преку директно учество на претсесијата на Обединетите Нации во Женева, каде ги претставивме предизвиците со кои се соочуваат малите земјоделци,  руралните жени и лицата со попречености во руралните средини и ги споделивме нашите препораки за унапредување на нивната економска и социјална положба. Организација и учество на саеми во насока на промовирање на малите оператори за храна. Лобирање во насока организациите на производители да станат вистински двигател и заштита на малите земјоделци, кои се економска форма на обединување на земјоделците и едно од решенијата за решавање на проблемите со пласманот. Преку форумот за климатски промени истакнавме дека треба сериозно да се насочиме на овој предизвик преку  национален план за адаптација, државна поддршка за мерки и подобрување на земјоделството и руралната инфраструктура , како и формирање на одделение за климатски промени во МЗШВ. Меѓународниот ден на руралната жена, воспоставувањето на Регионалната платформа за рурални жени на Западен Балкан, примена на методологијата „Едно село – еден производ“ со пример на промоција на маџунот за Тимјаник се значајни обележја преку кои продолжуваме со поддршка на жените од руралните средини во зајакнување на нивните капацитети и лидерство. Во рамки на НФФ успешно се спроведува алатката ProfillPASS која им помага на жените да ги препознаат своите вештини, искуства и потенцијали за вклучување на пазарот на труд и активно учество во заедницата, како и аплицирање на државни мерки за нивно економско јакнење,како што е мерката 115 наменете за активен женски член во земјоделско стопанство од Програмата за поддршка за рурален развој“, истакна Петровска – Митревска, проект менаџер во НФФ.

На Генералното собрание присуствуваа делегати, земјоделци и соработници на организацијата.